Меѓу најпознатите дела на Наум Бурназ, кој почина на 86- годишна возраст, се „Бор садила мома Евгенија“, „1762 лето“ („Песна за патрикот“) по текст на Григор Прличев, како и бројни други песни, кои со децении се дел од македонското музичко наследство
Наум Бурназ, еден од најзначајните интерпретатори на македонската народна песна и долгогодишен уметник што му го посвети целиот свој живот на музичкото творештво, почина на 86-годишна возраст. Тој со децении беше член на ансамблот на Македонската опера, каде што ја изгради својата богата професионална кариера пред да замине во пензија. Неговите пријатели, колеги, но и обожавателите на неговите интерпретации, велат дека ќе остане запаметен како исклучителен изведувач на охридските староградски песни, но и како автор на композиции што оставија траен белег во македонската музичка ризница.

Меѓу неговите најпознати дела се „Бор садила мома Евгенија“, „1762 лето“ („Песна за патрикот“) по текст на Григор Прличев, како и бројни други песни, кои со децении се дел од македонското музичко наследство.
Неговата смрт доаѓа по помалку од еден месец од загубата на неговиот син, Петар, а неговата внука, Мирјана Бурназ- Кремшо, оперска пејачка што ја продолжи семејната музичка традиција, се прости од него со емотивна порака.
– Денес нè напушти и ти за да бидеш повторно заедно со нашиот најмил и непрежален татко. Вечно ќе живееш во нашите срца. Ти беше мојот идол. Поради тебе ги избрав музиката и пеењето и тргнав по тој пат. Никогаш нема да ги заборавам сите наши прекрасни спомени, макотрпната работа пред настапите и твоите совети, кои секогаш ми беа најважни. Неизмерно сум среќна и горда што имав таков прекрасен дедо. Ќе продолжам да чекорам напред со музиката, а знам дека ти засекогаш ќе ме гледаш, ќе ме чуваш и ќе ме поддржуваш од небото. Почивај во мир, дедичко мој. Љубовта кон тебе никогаш нема да згасне – напиша таа.
Препознатлив глас на Бурназ, исклучителната интерпретација и посветеноста кон народната песна го направија еден од најценетите амбасадори на македонската музичка традиција. Со бројните настапи низ Македонија и во дијаспората, освои генерации љубители на македонскиот фолклор и остави неизбришлива трага во националната култура.
По дипломирањето по соло пеење во Скопје, своето образование го надгради во Германија, каде што се стекна со титулата магистер по пеење.
За својот исклучителен придонес кон македонската музичка култура, беше одликуван со статуетка и клуч на Општина Кисела Вода, признание за неговите трајни заслуги и вредности.
Веста за неговата смрт предизвика тага кај колегите, пријателите и почитувачите, кои преку социјалните мрежи се збогуваат од него, истакнувајќи дека неговите песни и неговото творештво ќе продолжат да живеат како дел од културното наследство на Македонија.
Фото: Принтскрин Јутјуб












