Македонскиот ракометен суперлигаш и лански освојувач на ЕХФ-купот на ЕХФ, тимот на РК Алкалоид, ги почна подготовките за новата сезона. На првиот собир, ракометарите ги поздрави Живко Мукаетов, генералниот директор и претседател на Управниот одбор на Алкалоид АД Скопје, и им посака. пред сѐ. здравје и успех во новата сезона.
Подготовките на „фармацевтите“ ќе се одвиваат во три дела. Првиот дел е воведниот во тренажниот процес и ќе се реализира во Скопје. Потоа, на трети август, екипата ќе замине на подготовки во Маврово, по што, во последната фаза, подготовките ќе бидат финализирани со контролни натпревари.
Во новата сезона, РК Алкалоид ќе учествува на четири натпреварувања. Покрај домашното првенство и Купот на Македонија, ќе игра и во новоформираната Регионална лига, а на меѓународната сцена ќе игра и во ЕХФ Европскиот куп, каде што беше победник во сезоната 2024/2025.
Во екипата има неколку промени во играчкиот кадар. Од екипата што играше минатата сезона заминаа Мартин Ивановски, Никола Маркоски, Кристијан Симоноски и Мартин Серафимов. Нови имиња во тимот се словенечките ракометари Матиц Сухолежник и Нејц Цехте и црногорскиот ас, Вуко Борозан.
Црногорскиот лев бек, Вуко Борозан, е добро познат ракометар, кој има настапувано за повеќе екипи во Европа, Блискиот Исток и во Македонија. Има 32 години, а висок е 203 сантиметри.
– Се вратив во Автокоманда, тука и ја почнав кариерата во Македонија. Бев во Металург, во Вардар и во Охрид, на ред дојде Алкалоид. Брзо се договоривме, со единствена цел што може да ја има секој спортист, а тоа е да освојуваме трофеи заедно. Сѐ што може да се освои, да се освои. Уште една причина поради која дојдов е тоа што добро го познавам Алкалоид, ги познавам и тимот и тренерот. Мислам дека имаме еден добар тим, добиваме многу со Цехте и Сухолежник и очекувам првенството да биде навистина интересно – изјави Борозан.
Матиц Сухолежник е 31-годишен пивот, висок 202 сантиметри и доаѓа во РК Алкалоид од екипата на РД Слован. Во својата кариера има настапувано и за екипите на РК Цеље, Данкерк и Саран од Франција, Бенфика од Португалија и за хрватскиот првак, РК Загреб.
Нејц Цехте (33) е десен бек, кој ја заврши минатата сезона кај финалистот на Лигата на шампионите, екипата на Фуксе Берлин. Претходно има настапувано и за екипите на Кршко и на Горење Велење, за германскиот Хановер, данската екипа ГОГ и за РК Еурофарм Пелистер.












