четврток, септември 17, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Нова закана за глобалната трговија: Хутите држат под контрола клучна поморска рута

Нова закана за глобалната трговија: Хутите држат под контрола клучна поморска рута

24
EPA/ADAM VAUGHAN

Брзото напредување на јеменските Хути го стави стратешкиот проток Баб ел-Мандеб под нивна контрола, со што оваа некогашна планинска милиција израсна во важен регионален актер. Хутите, со поддршка од Иран, последниве денови брзо ја шират својата територија долж јеменското крајбрежје на Црвеното Море, вклучувајќи ги сите клучни пристаништа и острови.

Движењето произлезе кон крајот на 1990-тите во северниот дел на Јемен како верско движење на зејдитските Шиити. По распадот на централната власт за време на Арапската пролет во 2011 година, Хутите го проширија своето влијание, а во 2014 година го зазедоа главниот град Сана и ја соборија владата. Следуваше воена интервенција предводена од Саудиска Арабија и повеќегодишна граѓанска војна, која во 2022 година влезе во фаза на примирје.

Хутите за време на војната во Газа од 2023 година изведуваа напади врз Израел и бродови во Црвеното Море, тврдејќи дека дејствуваат во знак на поддршка за Палестинците. По новата ескалација на судирот меѓу Иран и САД, тие повторно започнаа напади врз бродови и цели поврзани со Саудиска Арабија.

Во септември, Хутите изведоа брза офанзива долж западното крајбрежје. Најпрво го зазедоа пристаништето Моха, а потоа ја проширија контролата кон Баб ел-Мандеб и стратешките острови, вклучувајќи ги Перим и архипелагот Ханиш. Со тоа дополнително го зацврстија својот положај на еден од најважните поморски правци што го поврзува Црвеното Море со Аденскиот Залив.

Контролата врз ова подрачје би можела да има последици за меѓународниот поморски сообраќај и извозот на енергенси од Саудиска Арабија. Баб ел-Мандеб е посебно важен бидејќи претставува клучна алтернатива за поморските рути кои последниве месеци беа дополнително оптоварени од конфликтите на Блискиот Исток.

Саудиска Арабија одговори со воздушни напади врз позициите на Хутите и давање поддршка за силите што се борат против нив. Борбите повторно се интензивираа на повеќе фронтови, додека бројот на раселени жители расте.

Хутите изминативе години развија способности за користење беспилотни летала и проектили на големи оддалечености. Експертите и извештаите на ОН претходно укажуваа на шверц на оружје и техничка помош од Иран, додека Техеран негира дека директно ги вооружува Хутите.

Проценките на експертите наведуваат дека поддршката од Иран и Хезболах помогнала во трансформацијата на Хутите од локална милиција во поорганизирана воена формација. Нивното моментално напредување долж Црвеното Море покажува колку се променети односите на силите во Јемен и колку последиците би можеле да бидат пошироки од самиот судир во таа земја.

ИЗДВОЕНИ