Огромни машини тешки по 130 тони копаат длабоко под земја кај Ботун, а во дупките се спуштаат челични конструкции високи колку 11-катница. Вака изгледа битката со нестабилното земјиште на еден од најтешките делови од автопатот Охрид – Кичево. Министерот за транспорт, Александар Николоски, денеска на терен го презентираше техничкото решение со кое треба да се стабилизира земјиштето и да се овозможи изградба на автопатот на овој проблематичен дел.
Како што објасни Николоски, проблемот е во самата земја. На теренот има црна графитна почва, која е исклучително нестабилна, а дополнителен проблем е и големото количество вода.
– Има работи што можеме да ги направиме и работи што не можеме да ги смениме. Она што не можеме да го смениме е земјата. Околу вас може да видите дека се работи за црна графитна земја, која е најнестабилната земја то воопшто може да се најде. Таква е планината. Тука дополнително има многу вода, што може да се види по вегетацијата околу нас и кога ќе се спои водата со графит, тогаш настанува една каша и нема никаква стабилизација – рече Николоски.

Токму оваа „каша“ под земја, според него, е причината поради која овој дел кај Ботун досега бил практично невозможен за изградба. За да се реши проблемот, во работата се вклучени домашни професори, научници и инженери, заедно со странски експерти и компанијата „Синохидро“.
– Ги собравме најголемите умови то ги има Македонија, ги собравме најдобрите професори што ги има Македонија и најискусните луѓе, во соработка со светски научници, со луѓе што го правеле ова на други места во светот и, секако, во соработка со „Синохидро“ и со неговите научници, и го имаме решението зад нас – рече Николоски.
Во земјата се поставуваат арматурни кафези, од кои секој тежи околу 30 тони железо. Потоа тие се полнат со бетон, а меѓу нив се поставуваат цевки и челични јажиња, кои ги поврзуваат конструкциите. Со други зборови, под земја се прави огромна мрежа што треба да го „закотви“ теренот и да ја држи основата на идниот автопат.

– Практично ние под земја создаваме една целосна структура што треба да ја држи основата на автопатот – објасни Николоски.
На целиот автопат Охрид – Кичево е предвидено да се направат вкупно 250 вакви решенија. Од нив, дури 163 ќе бидат кај Ботун, додека другите ќе бидат распоредени на други критични делови од трасата, меѓу кои и кај Кнежино, во близина на Кичево. Според Николоски, станува збор за инженерски исклучително сложена работа, а ваквото решение претставува новина и за поширокиот регион.
– Ова е убедливо инженерски најтешкиот дел и ова е делот што претставува новина не само во Македонија туку и во целиот регион, нешто за што ќе се предава на факултетите – рече Николоски.












