Речиси 700 повреди на работа, илјадници работници изложени на бучава, хемикалии и работа на височина, повеќе од 10.000 инспекциски контроли и десетици кривични и прекршочни постапки. Податоците од институциите покажуваат дека ризиците на работните места не се намалуваат, а летните горештини дополнително ќе ги стават безбедносните стандарди на тест
На секои 12 часа, во Македонија во просек се случува по една повреда на работното место. Зад бројот од 697 регистрирани повреди во текот на 2025 година, според податоците на Институтот за јавно здравје, стојат различни професии, но и заеднички проблем: работниците сè почесто работат во услови во кои истовремено се изложени на повеќе ризици.
Најмногу повреди има во индустријата и во рударството, а значителен дел и во здравството и во социјалната заштита. Речиси секоја втора повреда е регистрирана во Скопје. Во однос на претходната година, бројот на повредени е зголемен за 21 отсто.
Но, повредите се само видливиот дел од проблемот. Податоците од систематските и од периодичните прегледи покажуваат дека кај секој петти работник е констатирано одредено отстапување кај здравствената состојба. Илјадници работници се изложени на бучава, хемиски супстанции, биолошки агенси, неповолни микроклиматски услови, ноќна работа и работа на височина. Дополнителната анализа на ИЈЗ покажува дека работникот што работи на место со зголемен ризик, најчесто не се соочува со една, туку со две опасности истовремено.
Безбедноста при работа не зависи само од носењето шлем или заштитна опрема. Заморот, работата во смени, бучавата, изложеноста на хемикалии, високите температури и работата на височина создаваат комбинација од ризици што може да биде кобна. Токму затоа, со доаѓањето на летото, дополнително се зголемуваат опасностите, особено во градежништвото, индустријата и во дејностите што се извршуваат на отворено.
Над 10.000 контроли, а повредите не се намалуваат
Во текот на минатата година, инспекторите за безбедност и здравје при работа извршиле повеќе од 10.700 надзори. Биле изречени илјадници мерки за отстранување неправилности, стотици прекршочни налози, а биле поднесени и кривични пријави. Сепак, големиот број контроли не значи дека се намалени ризиците. Напротив, најголем број пријавени повреди и натаму се регистрираат во преработувачката индустрија, здравството, трговијата, металургијата, градежништвото и во рударството. Кај несреќите со смртен исход, најцрната статистика ја има градежниот сектор. Од осумте смртни случаи евидентирани од Инспекторатот за труд во 2025 година, пет се случиле токму во градежништвото. Работата од височина, во тешки временски услови, со голем физичкиот напор и рокови поставени од работодавецот го зема данокот.
Слична слика покажуваат и податоците на Македонското здружение за заштита при работа. Според нивната евиденција, во текот на годината биле регистрирани 132 несреќи при работа, а 31 завршиле со смртен исход. Најпогодени се работниците на возраст од 45 до 60 години, а најмногу несреќи повторно се регистрирани во преработувачката индустрија и во градежништвото.
Со температури што и ова лето се очекува да достигнат над 40 степени, ризиците од дехидрација, замор и пад на концентрацијата дополнително ќе ја зголемат веројатноста за несреќи. Според експертите за безбедност при работа, не мора формално да биде прогласен топлотен бран за да имаат работодавците обврска да преземат мерки. Доволно е условите за работа да претставуваат ризик за здравјето и за безбедноста на работниците. (П. А.)












