Со шифрите Р1, Р2,Р3 и Р4 биле скриени вистинските сопственици на луксузните куќи во елитниот Козин, јужно од Киев, што биле градени за блиските луѓе на украинскиот претседател Володимир Зеленски, на кои сега ќе им се суди за корупција и за перење пари. Имало уште еден проект, означен како Р0, кој требало да биде заедничка резиденција со спа-центар, базен и вежбалница, откри „Киев индепендент“.
Според Националното биро за борба против корупцијата на Украина (НАБУ) и Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата (САПО), куќите наводно биле наменети за поранешниот вицепремиер Олексиј Чернишов, бизнисменот Тимур Миндич и поранешниот шеф на Кабинетот на претседателот, Андриј Јермак, сите во најблискиот круг на Зеленски. Семен Кривонос, раководител на НАБУ, деновиве изјави дека Зеленски не е осомничен во прелиминарната истрага за овој случај, а неговата канцеларија досега не коментираше за истрагата.
Идејата потекнала од Чернишов, а се оформила кога тој со проектот ги запознал Миндич, а подоцна и Јермак. Активната фаза на изградбата на луксузните куќи во населбата во која живее киевската политичка и бизнис-елита почнала во мај 2020 година, кога Чернишов бил министер, а се забрзала по почетокот на руската инвазија во 2022 година. Загрижен дека можат да бидат откриени, Миндич наводно одлучил да ја запре изградбата во јули 2025 година, кратко откако Чернишов беше официјално обвинет за поткуп за земјишните парцели. Во истиот месец, пишува „Киев индепендент“, администрацијата на Володимир Зеленски почна напад врз независноста на институциите што се борат против корупцијата.
Како што изјавил изворот за „Киев индепендент“, случајот е поврзан со истрагата за државната компанија „Енергоатом“. Се тврди дека во текот на неколку години, околу 7,7 милиони евра биле „испрани“ преку изградба на комплекс од вили недалеку од Киев. Сега парцелите и петте недовршени резиденции се запленети, а Чернишов негира какво било кривично дело. Антикорупциските тела тврдат дека повеќе од 70 проценти од финансирањето на куќите доаѓа од криминални активности, поточно од мито земено од високи функционери на „Енергоатом“.











