сабота, јули 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ВИЦЕПРЕМИЕРОТ ЗА ДОБРО ВЛАДЕЕЊЕ НЕ СЕ ПОЈАВИ НИТУ НА ПРАТЕНИЧКИ ПРАШАЊА ВО...

ВИЦЕПРЕМИЕРОТ ЗА ДОБРО ВЛАДЕЕЊЕ НЕ СЕ ПОЈАВИ НИТУ НА ПРАТЕНИЧКИ ПРАШАЊА ВО СОБРАНИЕТО: Се бара Арбен Фетаи – се врати ли од Тајланд?

Секој ден, граѓаните слушаат од премиерот дека кој не работи, ќе биде сменет. Јавноста прашува на кого се однесува ова? Дали за владините функционери важат други правила? Лицето што треба да биде пример за отчет не се појавува на работно место и тоа е непочитување на граѓаните – нагласи пратеничката на СДСМ, Даниела Николова, во пратеничкото прашање откако претходно побара да се обезбеди присуството на вицепремиерот

693

Дали оди на работа, како добива плата и кој му ги плаќа патувањата на егзотичните дестинации, што е тука интересот на Македонија… се прашањата што пратениците од опозицискиот СДСМ денеска ги адресираа до вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи. Но, тој не ги слушна бидејќи не беше присутен во салата на седницата на која опозициските пратеници поставуваа прашања до владините функционери. Каде бил, собранискиот потпретседател Антонијо Милошоски не знаеше да каже бидејќи не добил известување од вицепремиерот, кој последниве недели е во фокусот на јавноста поради недоаѓање на своето работно место.

– Сите министри се известени дека треба да бидат на седницата, но од Фетаи немаме добиено одговор и тој не дојде – објасни Милошоски.

Претходно, пратеничката на опозицискиот СДСМ, Даниела Николова, побара Фетаи да биде повикан за да му го постави пратеничкото прашање кое однапред било најавено.

– Денеска, Арбен Фетаи не е на своето работно место и не е тука за да објасни пред пратениците како е можно еден функционер да стане симбол на неодговорност и на непочитување на државата. Ова е пример по кои принципи работи Владата. Обичниот работник ќе добие отказ ако не дојде неколку дена на работа, наставникот, ако оди на боледување, ќе мора да ги одработи часовите. А овде, вицепремиерот не оди на работа и сè е дозволено. Нема пари за учениците, но на вицепремиерот му тече плата, патува и објавува фотографии од патувањето по социјални мрежи. Граѓаните секој ден слушаат од премиерот дека кој не работи, ќе биде сменет. Јавноста прашува на кого се однесува ова? Дали за владините функционери важат други правила? Лицето што треба да биде пример за отчет не се појавува на работно место и тоа е непочитување на граѓаните – нагласи Николова.

Таа додаде дека граѓаните имаат право да знаат кога е вицепремиерот на работа, кој му ги плаќа трошоците оти доброто владеење е присутност и отчетност.

– Ова се моите прашања до вицепремиерот Фетаи: Во последните шест месеци, колку дена сте биле на работа, кој ви ги плаќа трошоците за патувањето? Дали е во ред функционер да зема плата, а да не е на работно место? Што е интересот на Македонија од вашето патување на Тајланд?, праша Николова.

По ова, Милошоски заклучи дека со оглед на тоа што вицепремиерот не е присутен, службите на Николова писмено ќе ѝ одговорат на прашањата.

Случајот со вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи, излезе во јавност минатиот месец, откако министерот за здравство, Азир Алиу, во едно интервју изјави дека тој не доаѓал на владини седници и во неговиот кабинет. Односно, дека не се појавувал на работа. Ова се совпаѓаше со процесот на обединувањето на коалицијата „Вреди“ во една партија, а чии лидери не предвидоа место за Фетаи во раководните партиски тела. Брзо потоа, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека вицепремиерот Арбен Фетаи му најавил повлекување од Владата и дека веќе нема да биде вицепремиер.

– Фетаи сака да ја продолжи кариерата во европските институции во Брисел, каде што веќе има искуство. Неговите контакти можат да се искористат преку евентуален ангажман како специјален пратеник – рече тогаш Мицкоски.

Премиерот веќе најави дека во текот на јуни ќе се заврши реконструкцијата на Владата откако претходно ќе има разговори со партнерите во владината коалиција.

Но, напоредно со ова, самиот Фетаи на социјалните мрежи објави свои фотографии од Тајланд. Фотографијата, објавена од Бангкок, го прикажува Фетаи во лежерно издание, што дополнително ги засили перцепциите дека станува збор за приватно патување, а не за службена посета. Сето тоа, пак, ги поведе прашањата во јавноста по кој основ вицепремиерот престојува во оваа егзотична дестинација, односно, дали неоправдано отсуствува на своето работно место, дали му се исплаќа плата и слично. Тој официјално не е разрешен од функцијата, ниту има објава дека е поднесена оставка, во јавноста сè погласно се поставува прашањето дали неговото отсуство е привремено или најавува целосно повлекување од владините позиции. (Б. Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ