
По средбата со израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, Трамп побара од Иран да побрза со постигнување договор, а Иран одговори дека САД не направиле ништо во врска со нивните нови предлози
Претседателот на САД, Доналд Трамп, го предупреди Иран дека „часовникот отчукува“ и дека истекува времето за преговори за завршување на војната. На својата социјална мрежа тој напиша дека би било подобро преговорите да почнат наскоро.
– Подобро да се движат брзо, или нема да остане ништо од нив. „Времето е суштинско!, напиша тој.
Повикувајќи се на канцеларијата на израелскиот премиер, „Тајмс оф Израел“ објави дека оваа порака доаѓа откако Трамп во неделата разговарал со Бенјамин Нетанјаху.
Во меѓувреме, иранските медиуми објавија дека САД не направиле никакви конкретни отстапки како одговор на најновите предлози на Техеран за завршување на конфликтот, објави Би-би-си. Портпаролот на иранското Mинистерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи, рече дека тие се „одговорни“ и „дарежливи“. Недостатокот на компромис од Вашингтон би довел до „ќор-сокак во преговорите“, објави полуофицијалната иранска новинска агенција „Мехр“.
Но, како што наведе Би-би-си, најновата порака на Трамп е повторување на неговата закана дека „целата цивилизација“ ќе умре доколку Иран не се согласи на договор за завршување на војната, дадена кратко пред објавувањето на прекинот на огнот на почетокот на април. Минатата недела, пак, тој рече дека примирјето е на апарати, откако за барањата на Техеран рече дека се „тотално неприфатливи“.
Според полуофицијалната иранска новинска агенција „Тасним“, тие вклучувале итен прекин на војната на сите фронтови вклучувајќи ги и израелски напади врз Хезболах во Либан, поддржан од Иран, потоа прекин на американската поморска блокада на иранските пристаништа, гаранции дека нема да има понатамошни напади врз Иран, воена отштета, и ирански суверенитет над Хормускиот Проток.
Од друга страна, како што пишува полуофицијалната новинска агенција „Фарс“, Вашингтон поставил пет услови како одговор на предлогот на Техеран. Тие, наводно, вклучувале барање Иран да задржи само една нуклеарна постројка во функција и да ги пренесе своите резерви од високозбогатен ураниум во САД, пренесува Би-би-си.











