Шефот на Мерцедес, Тото Волф, испрати јасна порака до лидерот во Формула 1, Кими Антонели, и покрај неговата голема предност во генералниот пласман. Антонели оствари две последователни победи во Монца и во Мадрид, со што направи сериозна разлика во однос на својот тимски колега, Џорџ Расел. Младиот Италијанец моментално има предност од 81 бод пред Расел, додека до крајот на сезоната остануваат уште девет трки. Уште поголема е разликата во однос на Луис Хамилтон и на Ландо Норис, кои се на третото и на четвртото место во генералниот пласман и заостануваат повеќе од 100 бода.
Сепак, Тото Волф смета дека нема простор за опуштање и дека Антонели мора да остане максимално концентриран. Тој откри дека самиот Антонели воопшто не размислува за шампионатот додека се натпреварува.
- Ви велам, тој не размислува за тоа. Неверојатно е како успева овој млад човек да ги одвои работите – изјави Волф, објаснувајќи дека Антонели во еден момент е обично младо момче, а штом ќе седне во болидот, целосно се трансформира во зрел и фокусиран возач.
Токму затоа во Мерцедес се обидуваат да го задржат неговиот пристап, но истовремено постојано го потсетуваат дека сè уште не е завршена сезоната.
- Кога вели дека не размислува за шампионатот, тој навистина не размислува – додаде Волф.
До крајот остануваат уште девет трки, па Антонели ќе мора да остане фокусиран доколку сака да ја круниса одличната сезона со најголемиот успех во својата кариера











