Расел Вестбрук и официјално ѝ стави крај на својата блескава НБА-кариера, по 18 сезони во најсилната кошаркарска лига во светот. Еден од најатрактивните и најенергични кошаркари на својата генерација ја соопшти одлуката преку емотивно видео на социјалните мрежи.

Во видеото, во кое раскажува актерот Мајкл Б. Џордан, Вестбрук се потсети на најважните моменти од својата кариера. Неговото збогување предизвика бројни реакции, а меѓу првите се огласија Џејмс Харден и Леброн Џејмс.

  • Те сакам, пријателе мој! Горд сум на тебе! – му порача Харден, кој играше со него во Оклахома, Хјустон и во Клиперс.

Леброн, пак, порача дека следната станица на неговиот поранешен соиграч е Кошаркарската куќа на славните.

Вестбрук беше избран како четврти пик на НБА-драфтот во 2008 година, од Сиетл суперсоникс, кој подоцна беше преименуван во Оклахома сити. Токму таму ги помина првите 11 сезони и заедно со Кевин Дурант и Харден го предводеше тимот до големото НБА-финале во 2012 година.

Најславниот момент во неговата кариера дојде во сезоната 2016/2017, кога, во просек, постигнуваше по 31,6 поени, 10,7 скока и 10,4 асистенции. Со тоа, тој стана само вториот кошаркар во историјата што завршил сезона со трипл-дабл просек. Таа сезона, постави неверојатен рекорд со 42 трипл-дабл учиноци и заслужено ја освои МВП- наградата.

Во текот на кариерата, заврши дури четири сезони со просек на трипл-дабл. Тој ја заврши кариерата со рекордни 209 трипл-дабл настапи, број со кој убедливо е на првото место во историјата. По Оклахома, играше за Хјустон, Вашингтон, Лејкерс, Клиперс, Денвер и за Сакраменто. Во последната сезона со Кингс, одигра 64 натпревари и имаше просек од 15,2 поени, 6,7 асистенции и 5,4 скока. Иако доби понуди од Сакраменто и од Вашингтон за продолжување на кариерата, одлучи да се повлече под свои услови. Ја заврши кариерата со просек од 20,9 поени, 8 асистенции и 6,9 скока на 1.301 натпревар. Зад себе остави 27.176 поени, 10.351 асистенција и девет ол-стар настапи.

Двапати беше најдобар стрелец и трипати најдобар асистент во НБА, а беше избран и меѓу 75. најдобри кошаркари во историјата. Единственото големо нешто што му недостигаше беше шампионскиот прстен. Сепак, со своите интензитет, експлозивност и неверојатна енергија, остави неизбришлива трага во НБА и заминува како најголемиот крал на трипл-дабл учинок.

ИЗДВОЕНИ