Американските истражувачи за прв пат успешно ја користеа вештачката интелигенција (ВИ) за да дизајнираат целосно нови вирусни геноми за кои потоа е докажано дека се репродуцираат во лабораторија.
Истражувачите велат дека создале 16 нови вируси, но дека тие инфицираат само бактерии и не претставуваат закана за луѓето, објави Би-Би-Си.
Научниците велат дека ова е голем чекор напред во синтетичката биологија, што би можело да отвори нови можности во лекувањето на болести, но експертите предупредуваат и на потенцијални безбедносни ризици.
„Ова е следното ниво на сложеност што генеративната ВИ може да го дизајнира. Ова е прв пат да се користи за создавање комплетен геном што може да се реплицира и да извршува функции во клетките“, изјави за Би-Би-Си вонредниот професор на Универзитетот Стенфорд, Брајан Хи.
Тимот на Универзитетот Стенфорд избра 302 од најперспективните дизајни генерирани од ВИ и ги произведе во лабораторија.
Од нив, 16 покажаа способност да ја убијат бактеријата Escherichia coli.
Научниците веруваат дека оваа технологија би можела да придонесе за развој на нови форми на лекување на бактериски инфекции кои станале отпорни на антибиотици.
Сепак, експертите предупредуваат дека истите алатки покренуваат прашања за биолошката безбедност, бидејќи во иднина би можеле да паднат во рацете на биотерористи и да се користат за создавање поопасни организми.
Во коментар објавен со студијата во списанието Science, експертите од Центарот за здравствена безбедност на Универзитетот Џонс Хопкинс изјавија дека резултатите покренуваат „итни прашања за биолошката безбедност и заштита“.
Експертите истакнуваат дека вирусите не се живи организми и дека создавањето посложени форми на живот со употреба на вештачка интелигенција би барало многу повеќе тестирање.
Професорот Марк Гуел од Лабораторијата за синтетичка биологија на Универзитетот Помпеу Фабра во Шпанија ја нарече студијата „многу значајна пресвртница“ бидејќи ова е прв пат луѓето да почнат да дизајнираат биологија со помош на компјутери.
Тој рече дека технологијата еден ден би можела да помогне во создавање нови бактериофаги за лекување на инфекции, ензими за генетски нарушувања и антитела за имунотерапија.












