Македонскиот духовник отец Гаврил (Галев) доби три високи признанија за неговиот долгогодишен придонес кон Македонската заедница во Австралија, соопшти Австралиско-сиднејската епархија на МПЦ-ОА. Во организација на Македонската австралиска заедничка организација (MACO), на свечената Илинденска прослава во Мелбурн, на отец Гаврил, игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“ во Кинглејк, му беа врачени три високи признанија како знак на благодарност и почит за неговата повеќедецениска духовна, културна и општествена дејност во македонската заедница во Австралија.
-Особено значајно е што признанијата доаѓаат од различни институции, како потврда за широкото признание што го ужива неговата работа. Признание од Парламентот на Викторија, врачено од пратеничката Натали Хачинс, за неговата континуирана работа, пожртвувана служба и поддршка на македонската заедница во државата Викторија. Признание од Владата на Викторија, врачено од министерката Ингрид Стит, во соработка со Македонската австралиска заедничка организација (MACO), за неговиот повеќе од дваесетгодишен придонес во работата со младите, зачувувањето на македонската култура, традиција и идентитет, како и за неговото активно општествено ангажирање. Признание од Македонскo-австралиската федерација на пензионери за неговата долгогодишна посветеност, несебична служба и исклучителен придонес во духовниот и културниот развој на македонската заедница во Австралија – се наведува во соопштението.
Овие три признанија, се додава, претставуваат потврда дека долгогодишната и пожртвувана служба на отец Гаврил Галев е високо ценета и препознаена не само од македонската заедница, туку и од институциите на австралиската држава, кои, според нив, го вреднуваат неговиот значаен придонес во зачувувањето на македонското духовно, културно и национално наследство во Австралија. (Б.Ѓ.)












