Голем пожар избувна денес јужно од Перпињан, во францускиот департман Источни Пиринеи, каде што речиси 200 пожарникари се борат со огнената стихија.
Поради исклучително високата опасност од пожари, департманот денес е ставен под црвен степен на предупредување, објави BFMTV.
Пожарот избувнал во областа Мас Палегри, меѓу зоните Техносуд и Вилнев-де-ла-Рао. Силниот ветер „трамонтана“ и температурите кои надминале 35 степени Целзиусови дополнително го отежнуваат гаснењето.
- Причината за пожарот сè уште не е позната. Никогаш претходно сме немале пожари во овој период од годината, изјави градоначалничката на Вилнев-де-ла-Рао, Жаклин Ирлс.
Досега пламените јазици зафатиле околу 35 хектари, а во гаснењето се ангажирани повеќе од 180 пожарникари, седум тимови специјализирани за шумски пожари и над 50 возила.
Во акцијата се вклучени и воздушни сили – хеликоптер за испуштање вода, авион „Милан“ и хеликоптер „Супер Пума“.
Особена загриженост предизвикало тоа што пожарот се приближил многу блиску до домовите. Сепак, според градоначалничката, брзата реакција на службите помогнала ситуацијата да остане под контрола.
Засега нема наредба за евакуација на станбените објекти. Како мерка на претпазливост, биле евакуирани депонија за отпад и пансион за кучиња.
Поради пожарот, патот D914 е затворен, а прекинат е и железничкиот сообраќај на линијата на SNCF.
Надлежните служби продолжуваат со гаснењето, додека силниот ветер и високите температури претставуваат дополнителен ризик за ширење на огнот.











