петок, август 7, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Поставени дополнителни камери за детектирање диви животни и други случувања

Поставени дополнителни камери за детектирање диви животни и други случувања

36

Националниот парк „Пелистер“, на 2.000 метри надморска висина, постави дополнителни камери, кои ќе ги детектираат дивите животни, но и другите случувања на планината.

Оттаму информираа дека превентивните активности даваат резултати и дека ќе се интензивира тој процес.

– Новите камери ги поставивме на висок регион, над 2.000 метри надморска висина. Нашата цел е зачувување и мониторинг на живеалиштата на животните, да им се подобрат условите за живеење и за опстанок во природата. Се надеваме дека во овој регион ќе затечеме движење на дива коза, но и на други диви животни. Системот за мониторинг ќе ни помогне за нивна заштита, ќе ги утврдиме бројноста, здравствената состојба и нивниот потенцијал во националниот парк „Пелистер“ – истакна Петар Моштановски, вработен во таа установа.

Според директорот на „Националниот парк „Пелистер“, Иванчо Тошевски, дел од камерите, освен за мониторинг на животните, се користат и за превенција од несакани случувања на Пелистер.

– Со активниот мониторинг, се намали нехигиената, се остава сè помалку смет од посетителите на планината и во таа смисла особено им се заблагодарувам на медиумите, кои ги објавуваа сите наши апели кон јавноста за да се зголеми културата на однесување на планина и за да бидеме свесни дека за зачувување на националното богатство, сите треба да придонесуваат – нагласи Тошевски.

Националниот парк „Пелистер“ наскоро ќе промовира други екопроекти за заштита на паркот.

 

 

ИЗДВОЕНИ