Вештачката интелигенција може да биде важен двигател на економскиот раст во земјите од Западен Балкан, но за да се искористат нејзините предности, неопходни се повеќе инвестиции, дигитално образовани работници и модернизација на компаниите. Новите технологии отвораат можност за поголема продуктивност, полесно справување со недостигот од работна сила и посилна конкурентност на домашните бизниси.
Ова го истакна вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, на меѓународната Конференција за европска економска интеграција (CEEI 2026), што се одржува во Виена, во организација на централните банки на Австрија и Полска. Учествувајќи на панел-дискусија посветена на влијанието на вештачката интелигенција врз продуктивноста, Митреска посочи дека регионот сè уште заостанува во дигитализацијата и вложувањата во истражување и развој, кои достигнуваат само 22 процента од просекот на Европската Унија.
Според неа, најголемата шанса не е во создавањето нови технологии, туку во нивната брза примена во индустријата, логистиката и финансискиот сектор. Особено важна е поддршката за малите и средните компании, како и постојаното дообучување на работниците, за технолошкиот напредок да донесе реални економски придобивки.












