среда, ноември 25, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ЕКСПЕРТСКА ДЕБАТА ЗА ПРЕДЛОЖЕНИОТ КРИВИЧЕН ЗАКОНИК: Новата казнена правда не може да...

ЕКСПЕРТСКА ДЕБАТА ЗА ПРЕДЛОЖЕНИОТ КРИВИЧЕН ЗАКОНИК: Новата казнена правда не може да дозволи од 836 пријавени лица за службена злоупотреба да се осудат само 64

Кај овие кривични дела има не само континуирано намалување на бројот на пријавени лица туку и зголемување на јазот меѓу пријавени, обвинети и осудени лица, предупреди академик Владо Камбовски на денешната расправа

1

Најголем предизвик за новиот Кривичен законик и за неговото спроведување ќе бидат кривичните дела од областа на економскиот криминал и злоупотребите на службената должност и овластувања, беше предупредено на денешната експертска јавна расправа по предложеното законско решение, која се одржа во просториите на МАНУ. Академик Владо Камбовски, кој беше на чело на работната група што го изготвуваше новото законско решение, рече дека, во земјава, не сме ефикасни во делот на справувањето со економскиот криминал.

– Не сме ефикасни зошто таму казнено-правниот механизам се судрува со една брана воспоставена со невледеење на правото, со нефункционирање на институциите, недоволен интегритет, капацитет, партизација на институциите… Таму запира секаков напор да се открие делото и да се гонат сторителите на кривичните дела. Ова е најсериозен предизвик со кој се соочува целата наша кривично-правна реформа – потенцира Камбовски.

Тој го илустрира ова и со бројки, кои покажуваат значителни осцилации во ваквиот вид криминал.

– Ако земеме еден период од 25 години, од 2000 до 2014 година бројот на пријавени лица се зголемил од 20.000 на 30.000, односно за околу 84 проценти, а бројот на осудени лица пораснал за приближно 80 проценти. Од 2014 до 2022 година, бројот на пријавени лица се намалил за околу 54 проценти, а бројот на осудени лица за 44 отсто. Во периодот од 2021 до 2022 година, бројот на осудени лица се движел меѓу 6.300 и 7.760 лица. Но, внимавајте, се зголемува расчекорот меѓу бројот на пријавени лица и бројот на осудени лица. Тоа укажува на забавување на казнената правда во однос на општата слика на криминалот. Кај делата против службената должност, како подрачје што сега ни е приоритет поставен во процесот на евроинтеграција, имате не само континуирано намалување на бројот на пријавени лица туку и зголемување на јазот меѓу пријавени, обвинети и осудени лица за овие дела – нагласи Камбовски.

Според него, ако во 2025 година биле пријавени 836 лица, од нив само 643 биле осудени.

– А во однос на мерките за конфискација, за која се зборува многу, во 2017 година имало 44 конфискации, во 2018 година – 48, а во годините потоа 49, 67, 49, 51 и во 2023 година – само 37 конфискации. Во 2023 година дојде до флагрантна повреда на казненото право, до ерозија на казненото право со злоупотреба на службената должност и промена на членот 353 од Кривичниот законик, со што застареа кривичните гонења. Зошто не беше поведена постапка за конфискација таму каде што имаше злоупотреби што резултираа со остварување имотна корист за сторителите на кривичните дела или за трети лица. Дали така ги учевме студентите дека не мора да се спроведе, а тоа се учи и на Академијата за судии? – праша академик Камбовски.

Со новиот предлог се предвидуваат казни затвор до 15 години за злоупотреба на службената положба и овластување и за злоупотреби при јавните набавки, концесиите и јавно-приватните партнерства. Министерот за правда, Јетон Шасивари, рече дека сега посебно се уредуваат злоупотребата на службената положба и овластување и други поврзани кривични дела.

– Граѓаните со право очекуваат државата да има јасен и ефикасен одговор на секоја злоупотреба на јавната функција. Јавната функција не е привилегија. Таа е одговорност. Јавните средства не се ничија лична сопственост. Тие се средства на граѓаните и мора да бидат заштитени – нагласи Шасивари.

Програмската директорка на Центарот за граѓански комуникации, Сабина Факиќ, предупреди дека годишно за јавни набавки се трошат над една и пол милијарда евра, односно четвртина од државниот буџет, што го прави овој сегмент најподложен на корупција. Според неа, предложениот член за злоупотреби при јавните набавки не ги исполнил очекувањата на организациите здружени во Платформата, бидејќи содржи затворена листа од четири дејства и не остава простор за санкционирање на други повреди на Законот за јавни набавки.

– Сметаме дека членот што важеше пред измените од 2023 година имаше поголем потенцијал за санкционирање на корупцијата. Тоа го покажува и практиката. Врз основа на стариот член беше обвинет и поранешен премиер, а имаше и извршни пресуди против министри и други високи функционери за злоупотреби при јавни набавки. Не е јасно зошто е напуштен тој концепт. Со предложеното решение во новиот Кривичен законик се ограничува опфатот на злоупотребите при јавните набавки што можат да се санкционираат – истакна Факиќ.

Извршниот директор на Коалицијата „Сите за правично судење“, Дарко Аврамовски, оцени дека иако има унапредување кај корупциските дела со делумното враќање на решенијата од пред измените во 2023 година, кај злоупотребата на службената положба не е јасно уредена супсидијарната примена. Од друга страна, пак, кај несовесното вршење на службата повторно не се опфатени службените лица во органите на државната управа, а казните за основниот облик се значително намалени. Тоа, како што посочи Аврамовски, создава ризик полициски службеници или вработени во министерствата да не можат кривично да се гонат при непреземање службени дејства. (Б. Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ