Владата подготвува два закони со кои ќе се регулира државната поддршка за младите брачни парови при решавањето на станбеното прашање. Првиот закон ќе овозможи брачните парови на возраст до 35 години да купат стан по цена за 20 проценти пониска од просечната пазарна цена на становите во соодветната катастарска општина, додека вториот предвидува ослободување од плаќање комуналии за изградба на куќа, информираше денеска премиерот Христијан Мицкоски.
– Со првиот закон, брачните парови до 35 години ќе се стекнат со правото да купат станбен простор по цена 20 проценти пониска од просечната пазарна цена во соодветната катастарска општина во претходната година – изјави Мицкоски.
Тој информираше дека Катастарот подготвува анализа за цените на новоизградените станови по катастарски општини за првите три квартали од годинава. По објавување на анализата, заинтересираните граѓани ќе може да направат пресметки и да го планираат идното купување.
Мицкоски најави дека првиот закон наскоро ќе биде доставен до Собранието.
Вториот закон ќе се однесува на ослободувањето од плаќање комуналии за брачните парови што ќе градат сопствена куќа. Според премиерот, општините веќе покажуваат интерес за поддршка на оваа мерка, а дел од градоначалниците предложиле и обезбедување градежно земјиште по симболична цена.
– Вториот специјален закон предвидува општините да не наплатуваат комуналии за изградба на куќа за овој профил брачни парови. Веќе голем дел од градоначалниците ми се јавуваат со идеи дека имаат неколку хектари земјиште што сакаат да го урбанизираат, парцелизираат и да го понудат по едно евро за ваков профил брачни парови, што е добро – рече Мицкоски.
Тој изрази уверување дека двете законски решенија ќе придонесат за олеснување на пристапот до сопствен дом и за поттикнување на домувањето кај младите брачни парови.












