Новата сезона во Формула 1 започна, се возеа веќе две трки и е познато дека тимот на Мерцедес се покажа како главен кандидат за титулата. Големите промени во правилата на Формула 1, кои донесоа најголема техничка револуција во историјата на спортот, продолжуваат да предизвикуваат огромни контроверзии меѓу возачите, а најгласни се од тимот на Ред бул.

  • Ужасно е! Не знам. Ако некому му се допаѓа ова, тогаш навистина не знае какво е вистинското натпреварување – истакна Верстапен, кој не успеа да ја заврши трката во Кина поради проблеми со болидот.

Потоа објасни зошто верува дека новите правила ја уништуваат суштината на спортот.

  • Воопшто не е забавно. Како да играте „Марио карт“. Ова не е трка! – порача Макс.

Тој е особено вознемирен од начинот на кој се престигнуваат возачите едни со други.

  • Еден возач користи засилување и ве престигнува, потоа во следниот правец му се празни батеријата, па вие го престигнувате. Потоа обратно. За мене, тоа е само шега – изјави Верстапен.

Тој верува дека новите правила не го донеле она што го ветија челниците на Формула 1 – повозбудливи трки. На почетокот од сезоната, еден тим ја презеде контролата.

  • На крајот, само Кими и Џорџ победуваат, нели? Нема вистинска борба. Тие се многу понапред од другите – дополни Холанѓанецот.

Додаде дека Ферари понекогаш успева да има добар почеток, но дека е краткотрајно тоа.

  • Ферари има добар старт и е напред некое време, но потребни се неколку круга за да се смири. Но, тоа нема никаква врска со трките – вели Макс.

Интересно е што нагласува дека неговата критика нема никаква врска со резултатот што го постигнува.

  • Не го кажувам ова затоа што сум лут за мојата позиција. Всушност, се борам уште повеќе затоа што мора совршено да разберете што треба да правите. Но, за мене, ова е шега. Некои ќе речат дека сè е одлично затоа што победуваат на трки. Тоа е фер. Кога имате предност, зошто би се откажале од неа? Но, ако разговарате со мнозинството возачи, ова не е она што го сакаме. Не мислам дека тоа е она што го сакаат и вистинските љубители на Ф1. Се надевам дека ќе можеме да се ослободиме од ова што е можно поскоро – истакна Верстапен, кој немаше никакви забелешки додека лесно ги освојуваше титулите во Формула 1.

Четирикратниот светски шампион, исто така, предупредува за долгорочните последици: „На крајот, ова ќе го уништи спортот. Во одреден момент, ќе им се удри од глава“.

ИЗДВОЕНИ