Макс Верстапен сè уште ја чека првата победа во сезоната 2026, а според Гинтер Штајнер, поранешниот шеф на Хас и поранешен инженер на Ред бул, четирикратниот светски шампион може да остане без триумф до самиот крај на сезоната.
Верстапен во последните неколку трки покажа подобра форма со болидот на Ред бул, но тоа не беше доволно за да стигне до највисокото место на подиумот. Штајнер смета дека причината е, пред сè, во односот на силите, бидејќи Мерцедес и Мекларен во моментов имаат значително поконкурентни болиди.
- Тој нема да победи. Мерцедес и Мекларен се премногу силни. Ако заврши на подиумот, тоа ќе биде одлично за Макс. Но, мислам дека тоа е максимумот. За мене, тоа е едноставно границата на можностите на тој болид – категоричен е Штајнер.
Интересно е што неговата процена доаѓа во период кога Верстапен јавно ги критикуваше новите болиди во Формула 1. Тој смета дека актуелната генерација бара помалку ангажман од возачите, посочувајќи дека Јуки Цунода и Лијам Лосон релативно брзо се приспособиле на новите машини.
Штајнер, сепак, не се согласува со четирикратниот шампион и смета дека современите болиди и понатаму бараат голема вештина. Според него, можеби Верстапен има таков впечаток затоа што неговите поранешни тимски колеги често имаа проблеми да го достигнат неговото ниво.
Поранешниот шеф на Хас дури смета дека старите болиди на Ред бул, можеби, биле толку специфични и тешки за управување што токму тоа му дало дополнителна предност на Верстапен.
Штајнер истакна и дека денешната Формула 1 бара поинаков вид вештина. Возачите мора внимателно да управуваат со енергијата, батеријата и моментот за напад, што значи дека тактичкото размислување има огромно значење во текот на трката.
Доколку се оствари прогнозата на Штајнер, Верстапен ќе забележи несекојдневен негативен пресврт. Тоа би била прва сезона без ниту една победа за него од дебито во Формула 1 во 2015 година.











