Првпат ќе гласаат и жители на украински територии кои Русија ги анектираше од 2022 година. Кремљ ќе ги искористи изборите за да покаже дека мнозинството Руси ги поддржуваат претседателот и војната, како и за промовирање на политичките кариери на војниците што се враќаат од бојното поле. Според официјалните бројки, речиси 200 воени ветерани се кандидираат на изборите
Околу 111 милиони Руси, од утре до недела, ќе гласаат за нов состав на Државната дума, а се одржуваат и локални избори во неколку региони. Право на глас првпат имаат и жители на украински територии кои Русија ги анектираше од 2022 година. Според властите, во некои области гласањето почнало порано, поради безбедносни причини.
Она што се очекува од овие избори е Русија да добие уште еден парламент во кој ќе доминира владејачката партија Единствена Русија, на чие чело е претседателот Владимир Путин. Иако се чини дека нема неизвесност, изборите не се неважни, пишува дописникот на Би-би-си за Русија, Стив Розенберг. Изборот на 450 пратеници во Думата, долниот дом на парламентот, е исклучително важен за Кремљ. Ова се првите парламентарни избори од почетокот на целосната инвазија на Русија врз Украина. Кремљ ќе ги искористи за да покаже дека мнозинството Руси ги поддржуваат претседателот и војната. Изборите се користат и за промовирање на политичките кариери на војниците што се враќаат од бојното поле.
Според официјалните бројки, речиси 200 воени ветерани се кандидираат на изборите. Самата кампања даде увид во состојбата на руското општество четири и пол години по почетокот на војната, а донесе и неколку изненадувања. Во една емисија на државната телевизија, водителот ги најави говорите на кандидатите, по што камерата покажа шест празни говорници. „Добра вечер и добре дојдовте на вечерашните говори на кандидатите за изборната единица 158“, рече водителот. „Кандидатите не се појавија. Тоа е сè од мене“, заклучи тој. Во друга телевизиска дебата, каде што се појавија политичари, еден кандидат ја испеа својата порака: „Комунистичка партија, да одиме напред! Ние сме со народот, не знаете ли?“ Целата ситуација повеќе личеше на музичка емисија отколку на политичка дебата, пишува Би-би-си и наведува дека таа музичка изведба, во некоја смисла, била соодветна бидејќи во последната Дума, сите пратеници како да ја пееле истата песна. На последната седница на парламентот во јули, пратениците стоеја и аплаудираа додека претседателот скандираше: „Русија, Путин, победа! Русија, Путин, победа!“ Тоа беше јасна порака дека сите мора да ги поддржат претседателот Путин и војната. Лидерот на Комунистичката партија, Генадиј Зјуганов, гордо го истакна единството на последното свикување.
– Сите партии во Думата, секоја поединечно, гласаа за 170 закони што ја поддржуваат специјалната воена операција. Во оваа смисла, во Думата постои 100 проценти согласност, рече тој.
Партиите што се противат на војната се соочуваат со последици. Партијата Јаблоко, која повикува на прекин на огнот во Украина, беше единствената регистрирана антивоена партија во јули. Само 12 дена подоцна, Врховниот суд ја отстрани од изборните листи. Овој потег беше протолкуван како знак дека Кремљ е загрижен за можна поддршка од гласачите за антивоени пораки. Но, некои од нејзините кандидати сè уште се кандидираат во поединечни изборни единици. Сепак, во последните недели, полицијата приведува сè повеќе од нив, отвора кривични случаи и им забранува учество на изборите.
Руските власти инсистираат на тоа дека изборите за Думата се транспарентни и фер, иако на голем број опозициски политичари им е забрането учество откако се означени како „странски агенти“. Критичарите предупредуваат дека опозициските политичари се или во затвор или морале да ја напуштат земјата. Очекувањата дека овие избори би можеле да донесат промени се минимални.
– Изборите на Запад и изборите во Русија се сосема различни работи. На Запад, изборите се начин за формирање влада, која гласачите можат да ја заменат ако не се задоволни. Во Русија, изборите никогаш не водат до промена на владата. Во најдобар случај, тие се начин за влијание врз владата или испраќање сигнал до неа. Но, владата во Русија никогаш не се променила поради избори. Таква е Русија, објаснува Григориј Гришин, кандидат на „Јаблоко“, за Би-би-си.
Анкета спроведена од Државната агенција за испитување на јавното мислење ВТсИОМ кон крајот на август покажа дека „Единствена Русија“ убедливо води пред другите партии со поддршка од 37 проценти меѓу испитаниците, по што следува Комунистичката партија со 11,6 проценти. Во фокусот ќе биде разликата со која ќе победи „Единствена Русија“.
Партијата моментално има 310 места во Думата и треба да освои најмалку 300 за да го задржи своето супермнозинство и можноста да усвојува уставни измени без поддршка од другите партии, објави „Ројтерс“. Од ОБСЕ наведуваат дека рускиот политички систем станал порестриктивен по последните парламентарни избори во 2021 година, но руските власти ги отфрлаат критиките тврдејќи дека западните непријатели се обидуваат да им ги поткопаат и попречат изборите.












