Германија се подготвува за избор на нов претседател, а по повеќе од седум децении, на чело на државата за првпат би можела да застане жена. Мандатот на актуелниот претседател Франк-Валтер Штајнмаер истекува, а новиот шеф на државата треба да биде избран на 30 јануари 2027 година.
Во трката за негов наследник, како главен фаворит се издвојува Илзе Ајгнер (61), претседателка на баварскиот парламент и членка на Христијанско-социјалната унија (CSU).
Ајгнер, која претходно беше и германска министерка за земјоделство, ужива поддршка и надвор од сопствената партија. Претседателот на CSU, Маркус Зедер, оцени дека би било одлично таа да стане претседателка на Германија.
Сепак, конечната одлука зависи од договорот меѓу владејачките партии CDU, CSU и SPD, кои заедно имаат мнозинство во Сојузното собрание, телото што го избира претседателот.
Меѓу останатите потенцијални кандидати се претседателката на Бундестагот Јулија Клекнер, поранешната министерка за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер и премиерот на покраината Хесен, Борис Рајн.
Канцеларот Фридрих Мерц засега не открива кого ќе поддржи, а ги демантираше и наводите дека веќе донел одлука.
Според истражување на институтот Форса, 74 отсто од Германците сметаат дека полот на идниот претседател не е важен. Сепак, политикологот Урсула Минх оценува дека е време Германија да добие жена на оваа функција.
Иако германскиот претседател нема извршни овластувања како канцеларот, неговата функција има значајна уставна и политичка улога. Тој ја претставува земјата, потпишува закони и може да има важна улога во политички кризи.
Новиот претседател треба да ја преземе функцијата на 19 март 2027 година. Доколку биде избрана Ајгнер, Германија за првпат од 1949 година ќе добие жена на претседателската функција.











