Стоечки овации, долготрајни аплаузи и воодушевена публика. Меѓународната изведба на „Кориолан“ на Битолскиот театар, во режија на Џон Блондел, на „Шекспир Фринџ фестивал“ во Верона, беше пречекана со исклучителен интерес, а енергијата во салата за време на претставата и по нејзиното завршување, покажа дека театарот навистина нема граници и дека силната приказна допира до секого, без оглед на јазикот и на земјата од која доаѓа.
Во Верона е во тек 12. Светскиот Шекспиров конгрес, кој ја одбележува 50-годишнината на Интернационалната Шекспирова асоцијација, а покрај тоа, на повеќе сцени низ градот се одржува и музичка програма. Со ова, градот од 20 до 26 јули прераснува во глобална театарска сцена која пречека илјадници уметници и истражувачи од целиот свет. Фестивалот е организиран од Центарот „Скене“ на Универзитетот во Верона. Основачи на оваа платформа се Џон Блондел, кој е уметнички директор на фестивалот, Силвија Биљаци, Сидија Фјорато, Џон Блондел и Дејвид Скалквик.
„Искрено им благодариме на организаторите на фестивалот за беспрекорното гостопримство, професионалната организација и честа да бидеме дел од ова значајно меѓународно театарско случување“, истакнуваат од НТБ.
Најголемата благодарност, сепак, им припаѓа на актерската, авторската и техничката екипа на НУ Народен театар Битола, која со својата посветеност, дисциплина и талент создаде претстава што достојно ја претстави македонската театарска уметност пред меѓународната публика.
Современата адаптација на безвремената трагедија на Вилијам Шекспир отвора актуелни прашања за власта, политичката одговорност и за односот меѓу поединецот и општеството. Во претставата играат: Васко Мавровски, Петар Горко, Марјан Георгиевски, Борче Ѓаковски, Петар Спировски, Јулијана Мирчевска и Сандра Грибовска Илиевска. Асистент на режија е младиот уметник и режисер, Дамјан Димовски, сценографијата и костимите се на Благој Мицевски, а музиката на Александар Димовски.












