„Лесно е да кажеме: ‘Доста е со екранот!’ А што му нудиме потоа? Ако детето ни пријде со приказна или цртеж, време е и ние да го оставиме својот телефон. Би сакала ‘Ина’ да биде повод да седнеме покрај детето, да го слушнеме и да му оставиме простор да создава самостојно. Затоа, на крајот од книгата, јас го оставам моливот… Посакувам некое дете да го земе“, вели проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, авторка на книгата за деца „Ина“, промовирана деновиве. По тој повод, во интервју за весникот ВЕЧЕР разговараме со неа за потребите на детето како читател денес и за важноста да му се даде простор да се изрази

 

„Ина“ е насловот на првата книга за деца од проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, со илустрации на Иванка Ниба, која носи нова хероина во македонската книжевност за деца и необична покана до најмладите: по средбата со Ина, самите да го продолжат нејзиниот дневник. Со страници за пишување, цртање и колаж, „Ина“ им го предава зборот и на своите читатели. Нивните мисли, чувства и доживувања добиваат место меѓу кориците…

Професорке Мојсова-Чепишевска, по долгогодишното истражување, толкување и афирмирање на книжевноста за деца, сега на младите читатели им се обраќате и преку сопствено книжевно дело. Како се роди идејата за „ИНА“ и што Ве поттикна да ѝ дадете глас на една мала хероина преку која се отвораат прашања за детството, растењето и откривањето на сопствениот свет?

Желбата и потребата да напишам книга за деца ги чувствував со години. Ми требаше време да ја напишам „Ина“, а сега и јас сум пред читателите за кои толку долго сум зборувала како професорка. И тука не можам да му ја покажам библиографијата на детето и да му речам: „Види колку знам за книжевноста, сега читај!“. Ако му е здодевно, нема да продолжи од почит кон професорката. Ете ви строга и чесна критика, без ниту еден стручен термин! Токму таа искреност ме обврзува на децата да им понудам приказна во која ќе посакаат да останат. За да напишам таква приказна, морам да ги слушам децата и кога зборуваат за нешто што нам ни се чини неважно. Таквата процена нè прави нестрпливи: веќе сме го смислиле одговорот, а тие уште не го довршиле прашањето. Понекогаш и не нè прашуваат, само сакаат нешто да ни раскажат. Затоа сакав во книгата да ѝ оставам на Ина време да ни раскаже, без јас постојано да ѝ влегувам во зборот. Дневникот ми го овозможи тоа. Таа сама кажува што ја плаши и што ѝ е смешно, а понекогаш и нешто што нам, возрасните, не ни оди во прилог. Си има свој инает и своја претстава како треба да изгледа сонцето. Не треба да биде беспрекорна за да ја сакаме. Во нејзиниот дневник сме гости, па би било убаво малку да се воздржиме од нашето постојано поправање. Сакам таа блискост со Ина да ја почувствува и детето што никогаш нема да го запознам. Некое ќе ја препознае сопствената несигурност пред училницата, друго радоста кога некој ќе го разбере. Не мора да наликува на неа за да ја засака, како што се засакува другарче. А ние, возрасните, можеби ќе се препознаеме во нешто што таа ќе го каже за нас. Ина нè гледа додека мислиме дека само ние ја гледаме неа.

Една од особеностите на „Ина“ е тоа што децата се повикани да го продолжат дневникот на хероината преку пишување, цртање и колаж. Зошто се одлучивте за ваков интерактивен книжевен концепт и што сакате да поттикнете кај младите читатели?

Долго ги учиме децата како да ја чуваат книгата: да не ја виткаат, да не ја чкртаат, да внимаваат на страниците. А јас со „Ина“ им велам: еве, овде смееш да оставиш трага. Нацртај, напиши, залепи нешто што ти значи. Родителите нека се подготват, оваа книга може да им се врати прилично изменета! По неделата на Ина доаѓа неделата на читателот. Така, меѓу истите корици ќе има различни детства. Тој простор му припаѓа на детето што ќе се соживее со приказната за Ина. Нема пример според кој мора да го нацрта својот понеделник, нема однапред точен одговор за тоа како му поминал денот. Ако нацрта голем темен облак, возрасниот не треба веднаш да му го претвора во сонце. Може да праша што е тоа, па и да почека ако детето сè уште не сака да објасни. Можеби денес ќе има само цртеж, а утре и приказна за тој цртеж. Не би сакала овие страници да станат уште една задача што ќе ја довршува родителот за да изгледа поубаво. Ина ја има истата потреба да раскаже нешто свое, само што сè уште не умее да пишува. Затоа, со помош на мајка ѝ, компјутерот и микрофонот, нејзините изговорени зборови стануваат запис. На дневникот му дава име, Оли, и му се обраќа како на другар. Ќе научи да пишува, ама денот што сака да го раскаже веќе ѝ се случил. Технологијата ѝ овозможува да го зачува со свои зборови. Но ова не е оправдување детето да го препуштиме на екранот. Мора да внимаваме на возраста, на содржините и на времето поминато пред него. Не е исто детето со родител да создава нешто свое и со часови да гледа видеа што автоматски се пуштаат едно по друго. И ознаката „едукативно“ не е дозвола екранот да ги потисне спиењето, движењето, играта со другите и разговорот. Границите треба да ги поставиме ние, возрасните. Ме загрижува и кога му го даваме телефонот на детето за да нè остави на раат, а потоа му се лутиме што не сака да го остави. Лесно е да кажеме: „Доста е со екранот!“ А што му нудиме потоа? Ако ни пријде со приказна или цртеж, време е и ние да го оставиме својот телефон. Би сакала „Ина“ да биде повод да седнеме покрај детето, да го слушнеме, па и да му оставиме простор да создава самостојно. Затоа на крајот на книгата јас го оставам моливот… Посакувам некое дете да го земе.

Приказната за Ина се одвива во текот на нејзината прва училишна недела, период во кој возбудата од новото се испреплетува со несигурноста, стравовите и потребата за прифаќање. Колку Ви беше важно да ги прикажете овие чувствителни моменти од детското искуство и што може книжевниот лик да му понуди на детето кога сè уште му е тешко да ги препознае и да ги изрази сопствените чувства?

Ние, возрасните, лесно велиме: „Ќе се навикнеш“. А детето треба да го преживее и времето до тоа навикнување. Утре треба повторно да влезе во истата училница и да се обиде да одговори, иако денес му се смееле или не успеало да го каже она што го знае. За нас тоа можеби е една непријатност во долг ден. За него може да биде целиот ден. Тие мигови не смеев да ги прескокнам само за побрзо да стигнам до нешто утешно. Ина се охрабрува кога наставничката ѝ покажува дека не мора сè да знае веднаш. Но веќе следниот ден повторно се збунува, не ги наоѓа зборовите и посакува сестра ѝ близначка Илина да е до неа. Затоа ми беше важно поддршката да не заврши со еден добар ден. Детето не нѐ обврзува на брзина за да го заслужи нашето трпение. Ина има и што да им даде на другите. На паднатото дете му помага да стане, а со приказната за колената како островчиња му измислува свет во кој болката за миг станува поднослива. Знае да ја смири и својата помала сестра Дарија. Сакам читателот да ја запознае и таква, да види зошто би ја посакал за другарка. Кога Ина ќе му стане блиска, детето можеби полесно ќе каже „Ина се исплаши“ отколку „јас се плашам“. Додека зборува за неа, можеби првпат ни кажува нешто и за себе. А возрасниот, ако чита внимателно, ќе мора да си постави уште едно прашање: колку стравот на детето доаѓа од непознатото, а колку од нашето нетрпение? Затоа и училиштето треба да се подготви за Ина. И тоа има што да научи.

Како професорка што предава и истражува книжевност за деца, добро ги познавате и нејзините книжевни вредности и читателските потреби на младите генерации. Што, според Вас, му е најпотребно на детето како читател денес и како да се воспостави рамнотежа меѓу книгите што ги привлекуваат децата и оние што можат да го поттикнат нивниот интелектуален, емоционален и јазичен развој?

На детето му е потребна книга што го почитува како читател. Тоа значи да не му објаснуваме сè, да не ја затвораме секоја сцена со поука, да му оставиме нешто што ќе го открие само. Може силно да ја почувствува неправдата во една приказна, а да не умее да ни каже што го повредило. Тоа што има помалку зборови од нас не значи дека има помалку чувства. Не би ме загрижило ако по читањето остане со прашање или ако не умее веднаш да ни ја каже поуката онака како што сме ја замислиле ние. Кога избираме книга, вреди да погледнеме и што му нуди на детето откако ќе ја разбуди неговата љубопитност. Може да го привлече авантурата, а потоа и да го заинтересира лик што размислува поинаку од него. Приказната го поттикнува да се праша зошто ликот постапил така и што би направило самото тоа на негово место. Детето не мора да се согласи со тој лик за да посака да го разбере. Не мора детето да избира меѓу книга од која ќе се насмее и книга од која ќе научи нешто. Како смеењето да му пречи да размислува! Може некој смешен збор толку да го заинтересира што ќе почне да го повторува, да го испробува во некои свои реченици. Ќе го изговори дома и ќе чека да види дали и нас ќе нè насмее. Еве веќе си игра со јазикот, без некој да му каже дека треба да го збогати својот речник. И не би го штитела од секој непознат збор. Па како ќе го збогати својот јазик ако во книгата ги среќава само зборовите што веќе ги знае? Понекогаш ќе го разбере од приказната, понекогаш ќе праша, а некогаш ќе го запомни само затоа што му е убаво да го изговори. И тоа е почеток. Не мора околу секој нов збор да организираме мала настава. Детето не е должно да ја трпи нашата здодевност само затоа што ние сме ја прогласиле за поучна.

Во книгите за најмладите, односот меѓу текстот и илустрацијата е особено значаен. Како се остварува тој однос во „Ина“, во соработката со илустраторката Иванка Ниба при создавањето на книгата? Колку е важно визуелниот израз да создава дополнителни значења и да ја поттикнува детската имагинација?

Со Иванка Ниба, Ина доби уште еден начин да ни се обрати. Во текстот, Ина раскажува дека силно го држела ранчето. Иванка ни покажа колку големо станува тоа ранче кога зад него се крие едно девојче. Ја гледаме како ѕирка, како се обидува да се скрие од погледите што ја плашат. Реченицата можеме да ја прочитаме брзо, ама сликата нè задржува пред нејзиниот страв. Погледнете ја и сцената со таткото. Во текстот, тој ја поправа: цртежот треба да биде точен. На сликата, Ина е до татко ѝ, косата им се разлева околу нејзините необични цртежи. Мене ми е драга таа нежност, во која има место и за инаетот на Ина. Човекот што ја сака Ина може и да не ја разбере. Иванка ни овозможува да ги видиме и љубовта и несогласувањето на истата страница. И авторот на приказната мора да внимава да не се однесува како таткото пред цртежот на Ина: „Мора да е точно“. Ако од илустраторката барам само да го потврди она што веќе сум го кажала, ќе ја осиромашам книгата. Убаво е ликот што сте го создале да ве изненади кога ќе го видите нацртан. Во „Ина“, читателот може да застане кај сликата откако реченицата веќе завршила, да го следи погледот на девојчето, да открие нешто за нејзиниот однос со другите. Токму за тој простор сум ѝ благодарна на Иванка. Ме зачудува кога за некое дете велиме: „Само ги гледа сликите“. Зошто само? Можеби забележува детаљ што нам ни избегал додека сме ги читале зборовите. Читањето слики почнува пред читањето букви. Би сакала понекогаш возрасниот да почека, да ја остави страницата отворена и да го следи прстето на детето.

Во која мера современата македонска книжевност за деца одговара на искуствата, јазикот и предизвиците на денешните генерации? Кои се нејзините најзначајни достигнувања, но и слабости?

Имаме автори со препознатлив глас и книги во кои ликовите се откриваат низ своите постапки, низ разговорите, па и низ она што го премолчуваат. Ме радуваат живиот јазик, чувството за ритам, слободата со која реалното се преплетува со фантастичното. И хуморот, особено кога и детето и возрасниот ќе се насмеат на истата сцена, а секој ќе препознае нешто свое. Таквата книга има што да ни понуди и кога ќе ѝ се вратиме. Значајно е и отворањето теми за кои возрасните тешко почнуваат разговор со децата: загубата, разделбите во семејството, различноста и неприфаќањето. За некој читател тоа е нова тема, за друг сопственото секојдневие. Во најуспешните дела ликовите имаат живот поширок од проблемот со кој се соочуваат. Умеат и да се пошегуваат, да згрешат, да нè изненадат. Токму затоа можеме да ги сакаме и кога нивното искуство е далеку од нашето. Кај илустраторите гледам смели композиции, спојување различни ликовни постапки, па и необични формати во кои самото отворање на книгата станува дел од приказната. Кога сликата открива нешто што во текстот не е кажано, детето има што самото да забележи и да поврзе. Таквата книга му остава простор и за неговиот поглед. Таа доверба во детскиот поглед ја има и во „Зоки Поки“ на Оливера Николова. Во расказот „Цртеж“, жолтата трева е грешка само додека таткото го има последниот збор. Зоки вели дека се исушила додека цртал и со една досетка си ја брани фантазијата. Се смееме, ама истовремено мораме да се запрашаме зошто толку брзаме да го поправиме. Таа мисла ме води и до таткото во „Ина“. На крајот од „Зоки Поки“, Зоки станува Зоран. Во „Ина“, таткото Зоран, кого Ина го вика Зоки Поки, сега го поправа нејзиниот цртеж. Што ако во него го препознаеме пораснатиот Зоки, кој заборавил како му било кога го поправале него? Можеби токму затоа ни требаат книгите од детството и кога ќе станеме родители: да се сетиме од која страна на цртежот некогаш сме седеле. За слабостите би почнала од нешто што лесно го простуваме: важната тема не ја завршува книжевната работа наместо авторот. Понекогаш уште од првата страница знаеме што треба да научиме, а до последната не сме запознале лик што би сакале повторно да го сретнеме. Ја разбирам намерата на авторот, ама не можам да се сетам на ниедна постапка или реченица по која ќе го паметам јунакот. Не го осовременуваме јунакот само со тоа што ќе му ставиме телефон в рака. Треба да разбереме што го засрамува денешното дете, што го радува, пред кого замолчува, што прави кога никој не го оценува. На таквите слабости треба да укаже и критиката. Кога од обѕир кон авторот ќе пофалиме слаба книга за деца, мислиме дека сме учтиви, а всушност сме неправедни, и тоа пред сѐ кон детето, иден возрасен читател. Треба да умееме да кажеме што вреди и зошто, да ја разгледаме реченицата, да покажеме како е создаден ликот… Истиот строг критериум го прифаќам и за „Ина“. Во сопствената книга морам да го постигнам она што со години го барам од другите автори.

„Ина“ претставува ново поглавје во Вашето творештво и можност непосредно да им се обратите на младите читатели преку книжевноста за деца со која со години истражувачки и педагошки се занимавате. Дали ова искуство отвори нови творечки хоризонти за Вас и што можеме да очекуваме од Вас во иднина?

Секако дека отвори. Критичарката во мене знае да забележи дека некоја реченица објаснува премногу. Ама сега некој треба и да ја напише поинаку. Тој некој повторно сум јас! Треба да се прашам дали така би зборувала Ина, дали во тој миг воопшто би мислела на она што јас сакам да ѝ го припишам. Ина не би ми простила да почнам да држам предавање среде нејзиниот дневник. И би била во право. Ако читателот ја слуша професорката повеќе од Ина, тогаш не сум си ја завршила работата. Кога се обидувам да разберам што ѝ е важно на Ина, се задржувам кај оние мали случки што возрасните ги забораваат до вечер, а детето ги памети со години. Нечија смеа, една неправда, местото што некој му го зачувал до себе. Една таква случка може да го охрабри да му пријде некому, а друга да го натера да се повлече. Тоа сакам да го истражувам и понатаму, и како авторка. Има уште многу за раскажување за храброста што му е потребна на едно дете за да помине ден што нам ни изгледа сосема обичен. Сега, по промоцијата, љубопитна сум за животот на Ина меѓу читателите. Каде ќе се препознаат, што ќе додадат во дневникот, на кое место ќе се насмеат. Би ми било драго книгата да се отвори и вторпат, кога веќе никој нема да потсетува дека е нова. Да ја побара детето само, како што бара некого што му станал близок. А ако рече: „Со Ина би седел во клупа“, ќе знам дека приказната направила нешто важно. Ѝ нашла другарче на Ина.

Даниела ТРАЈКОВСКА

 

 

ИЗДВОЕНИ