Според Сузана Грибовска, советник-конзерватор и архитект во Заводот и музеј – Прилеп, целта е да се заштитат галериите со витражи и со стакла, кај кои веќе има големо оштетување. – Челичната конструкција е направена од кутиести профили со различни димензии и ќе биде поставена на сите осум галерии – четири со витражи и четири со стакло, од надворешната страна на првото и второто ниво на споменикот. Над конструкцијата ќе биде поставен лексан со дебелина од 16 милиметри, со што ќе се спречи навлегувањето вода во споменикот – посочува Грибовска
Пред празникот Илинден (2 Август) треба да заврши поставувањето на челичната конструкција со која споменикот „Македониум“ во Крушево ќе се спасува од понатамошно прокапување. Активностите се изведуваат над галериите со витражи и стакла, а под стручен надзор на Заводот и музеј – Прилеп. Токму поради долгогодишното прокапување, во ноември минатата година тој беше прогласен за културно добро во опасност. На објектот се видливи траги од оштетување направено од влага, а при секој дожд, во неговата внатрешност буквално се прават езерца.
Оваа инвестицијата чини 5,5 милиони денари и, според Сузана Грибовска, советник-конзерватор и архитект во Заводот и музеј – Прилеп, целта е да се заштитат галериите со витражи и со стакла, кај кои веќе има големо оштетување.
– Челичната конструкција е направена од кутиести профили со различни димензии и ќе биде поставена на сите осум галерии – четири со витражи и четири со стакло, од надворешната страна на првото и второто ниво на споменикот. Над конструкцијата ќе биде поставен лексан со дебелина од 16 милиметри, со што ќе се спречи навлегувањето вода во споменикот – посочува Грибовска.
Инаку, во текот на оваа година треба да почнат и истражувањата, како и изработката на основниот проект за целосна конзервација на „Македониумот“, за што се издвоени уште 4,5 милиони денари.
Директорката на Завод и музеј – Прилеп, Мимоза Христоска, истакнува дека е во тек изработката на основниот проект за конзервација и реставрација, кој ќе ги опфати статиката, градежните работи, замената на витражните стакла и санацијата на внатрешната метална конструкција.
Исто така, во тек е и расчистувањето на просторот околу споменикот.
Миха Оџаклиески, директор на Историскиот музеј – Крушево, додава дека годинава првпат механизирано се расчистува просторот околу споменикот, во пресрет на големиот празник.
За потсетување, реконструкцијата на овој споменик на културата почна уште во 2014 година, кога беа реализирани низа значајни активности, меѓу кои: санација на потпорните ѕидови, обнова на фасадите, антикорозивна заштита, реконзервација на архитектонските елементи, како и внатрешни конзерваторски зафати и истражувања. Сепак, во 2017 година, активностите за реализација на проектот беа прекинати, па наместо завршување на проектот, објектот беше оставен незаштитен и на забот на времето.
Инаку, „Македониумот“ во Крушево бил откриен на 2 август 1974 година, на денот на триесетгодишнината на Заседанието на АСНОМ и на 71-годишнината од Илинденското востание. Споменикот се протега на 12 хектари и на 1.320 метри надморска височина. Формата на комплексот почнува со раскинати пранги, продолжува преку крипта со врежани имиња и настани поврзани со илинденската епопеја, колоритно-мозаична керамопластична сцена, па завршува со купола чија внатрешност импресионира со своите релјефи и витражи на осум големи овални прозорци.
Ова архитектонско-уметничко ремек-дело е создадено од Јордан и Искра Грабул и ги означува непокорот, борбата и вечниот стремеж на македонскиот народ за слобода и за самостојна држава. (Д. Т.)












