Српскиот претседател Александар Вучиќ на вечерашниот митинг на неговите поддржувачи во центарот на Белград објави дека ќе поднесе оставка и дека ова се неговите „последни денови и недели“ како шеф на државата, тврдејќи дека „ѝ служел верно 14 години“ и дека „се борел само за Србија“. „Ќе бидам претседател само уште неколку недели, а потоа ќе поднесам оставка“, им рече Вучиќ на своите поддржувачи на провладин митинг во Белград.
Вториот и последен мандат на Вучиќ истекува во средината на 2027 година.
Вучиќ, исто така, рече дека ќе ѝ помогне на неговата Српска напредна партија (СНС) да победи на изборите, вклучувајќи ги и предвремените парламентарни избори, првично закажани за 2027 година.
Тој предложи листата на СНС на претстојните избори да се вика „Обединета Србија“.
Тој, исто така, нагласи дека ќе се повлече ако сметаат дека не им е потребна неговата поддршка и помош. „За победа – и тоа наскоро“, порача Вучиќ.
Тој не прецизираше кога ќе поднесе оставка или кога би можел да го распушти парламентот, што е предуслов за предвремени парламентарни избори.
Порано оваа недела, Вучиќ ги повика поддржувачите на неговата политика и владејачката Српска напредна партија да се соберат во центарот на Белград на митинг кој се смета за противтежа на кампањата на студентското движење „Студентите победуваат“.
На собирот, тој објави дека, како претседател на државата, ќе помилува луѓе во Србија „кои извршиле одредени дела од небрежност и случајност“.
Вучиќ, исто така, предложи забрзување на европската интеграција на Србија и исполнување на нејзините обврски на тој пат „со поголем ентузијазам“, но исто така нагласи дека традиционалните пријателства, како што се односите на Србија со Кина и Русија, не треба да бидат загрозени.
Вучиќ ја нагласи потребата Србија да се обиде да ја зачува својата воена неутралност по секоја цена.
„И дали ќе брзаме по европскиот пат? Да, ќе брзаме. Ќе го направиме она што е наша обврска“, рече Вучиќ.
Тој, исто така, тврдеше дека студентите биле политички инструментализирани и играчка во рацете на некој друг.
„Студентите прво беа играчка во рацете на политичарите, а потоа во рацете на некој друг. Ги молев за разговори, сакаа да разговараат со сите, само не сакаа да разговараат со својот претседател“, рече тој.
Полицијата процени дека повеќе од 200.000 луѓе се собрале на митингот во саботата во центарот на Белград, но независни проценки сè уште не се достапни.
По митингот во саботата, во Краљево ќе се одржи протест во недела, на традиционалниот српски празник Видовден, на кој студентите ги поканија граѓаните на Србија.












