Властите во Венеција размислуваат за зголемување на таксата за влез на туристи, продолжување на периодот во годината кога таа се применува и покачување на дневната цена на 30 евра, изјави висок градски функционер.
Микеле Зуин, градскиот советник задолжен за буџетот и даноците, смета дека сегашната такса – која се движи од пет до 10 евра – е премногу ниска за справување со прекумерниот туризам.
Советникот истакна дека, иако се разговарало за зголемување и до 50 евра, властите можеби ќе се договорат за нова максимална цена од 30 евра за 2027 година, пренесе Ројтерс.
Оваа туристичка такса, која важи само за дневните посетители, беше воведена во 2024 година – што во тоа време претставуваше прва таква такса во светот.
Посетителите кои ќе резервираат однапред можат да добијат поевтина цена.
Во град кој долго време се соочува со прекумерен туризам и депопулација, локалните власти наведуваат дека целта на мерката е да ги поттикне посетителите да ги избегнуваат периодите од годината со најголема посетеност.












