Меланија Трамп имаше потешкотии при изговорот на неколку англиски зборови за време на говорот што го одржа во Белата куќа во четвртокот.
Првата дама на САД (56) се сретна со руски и украински делегации и повика на продолжување на примирјето во Украина, по шестдневниот прекин на огнот во регионот Керсон.
Обраќајќи им се на медиумите, Меланија Трамп читаше од подготвен текст, но неколку пати застана или погреши при изговорот на одредени зборови. Најпрво имаше проблем со зборот „objective“ (цел).
„Нашата заедничка ’цел‘ (objective) беше да доставиме клучна хуманитарна помош за жителите на Олешки и да воспоставиме безбедни рути за евакуација на цивилите“, рече таа.
Малку подоцна, таа имаше потешкотии и со зборот „exclusive“ (ексклузивен).
„Мојата улога како ’ексклузивен‘ (exclusive) посредник е документирана во пишани договори, составени и потпишани и од Русија и од Украина. Јас и Марк Бекман почнавме да работиме преку комуникациски канали што претходно ги воспоставивме, со цел да ги споиме децата со нивните семејства во Русија и Украина“, изјави Меланија.
Новинарот Арон Рупар сподели исечок од нејзиниот говор на социјалната мрежа Икс“ со коментар: „Меланија Трамп се мачи да прочита подготвена изјава“.
Набргу почнаа да пристигнуваат реакции, при што некои корисници го исмеваа нејзиниот изговор. „Да беше некој друг, поддржувачите на MAGA ќе викаа: ’Зошто не зборува американски?‘“, напиша еден корисник.
„По повеќе од 30 години во САД, таа сè уште не може правилно да изговара англиски фрази или да зборува кохерентно. Да беше црнкиња, ќе ја обвинеа дека има низок коефициент на интелигенција (IQ)“, коментираше друг.
„Во Австралија има диви животни што зборуваат англиски подобро од Меланија“, стои во една од реакциите.
Друг корисник се осврна на американската политика: „Тексас ќе стане ’син‘ (демократски) пред Меланија да научи англиски“.
Имаше и коментари во врска со начинот на кој таа го одржа својот говор.
„Таа само чита од лист хартија. Нема ни трошка емоција или автентичност. Исто како да чита од телефонски именик“, заклучи еден корисник.
Говорот на Меланија беше посветен на хуманитарната ситуација во Украина. За време на шестдневното примирје, стотици жители на Олешки – град под руска окупација – успеаја да ја напуштат областа, која е погодена од недостиг на храна и бомбардирања.
„Животите на невините луѓе мора да бидат поважни од поделбите предизвикани од војната. Се надевам дека Олешки ќе послужи како инспирација за поширок мир“, изјави првата дама на Соединетите Држави.












