Според обичајот, на Велики четврток, рано пред изгрејсонце се фарбаат велигденските јајца. Најпрвин се вапсаат три јајца, а потоа и другите. Се верува дека првото јајце било наменето на Господ и се викало Господово јајце, второто на домаќинот – главата на семејството, а третото на стоката и бериќетот. Особено повеќе обичаи и верувања се поврзани со јајцето првак за кое се верува дека има волшебна моќ

Велики четврток, е денот кога пред зората се фарбаат велигденските јајца. Според обичајот најпрвин се вапсаат три јајца, а потоа и другите. Се верува дека првото јајце било наменето на Господ и се викало Господово јајце, второто на домаќинот – главата на семејството, а третото на стоката и бериќетот. Особено повеќе обичаи и верувања се поврзани со јајцето првак за кое се верува дека има волшебна моќ. Тоа подоцна стои пред иконата, со него се враќа облак, се лекуваат болести кај луѓето и стоката, тоа заштитува од пожар, гром и сл.

Јајцата ги фарба домаќинката рано наутро, пред да изгрее сонцето, зашто се верувало дека ако тоа се направи подоцна јајцата ќе се засмрдат. Вапсани пред да ги види сонцето, овие јајца, особено првакот, не се расипуваат и по неколку години. Кога ги вапса јајцата домаќинката мора да има нешто јадено или да има каснато барем еден залак леб, зашто ако тоа го прави на гладно срце, јајцето може да ја разбие, да се разболи или да е несреќна, а и таа ако го разбие тоа ќе ја загуби магичната моќ.

Насекаде во Македонија, на Велики четврток, рано пред изгрејсонце, првото јајце се става во сито и се обесува на дирекот од куќата или на друго место спроти сонце за да го видат првите сончеви зраци. Во некои краишта во ситото ставаат едно во други две или три јајца. Исто така, во некои краишта во ситото ставале и жито, некаде и срп за богат бериќет или сукало. Ситото било покриено со црвен машки појас или со друга ткаенина, но секогаш со црвена боја.

По вапсањето на јајцата, но пак рано пред изгрејсонце, домаќинката го земала јајцето првак и на децата, уште додека биле в постела, им минувала три пати по лицето зборувајќи: „Црвено, бело, дебело“ или: „Црвено бело здраво и живо“, што значи да се дебели како јајцето, но и црвени во образите, што е ознака за здравје и напредок.

Различни техники на вапсување

Домаќинките, покрај црвените, вапсаат и јајца во различни бои и со разни техники. Ако сакате убаво вапсани или декорирани велигденски јајца за нивната подготовка потребно е да одвоите доволно време и да им се посветите речиси цел ден. Притоа, на вашето уметничко дело од јајце, кога ќе го подарувате, ќе можат да му се воодушевуваат сите ваши блиски, роднини, соседи, другарчиња на вашите деца и внуци, пријатели, колеги, а, пак, со фотографија од умешно декорираната кошници со велигденски јајца можете да се пофалите и на социјалните мрежи. Користејќи различни техники на вапсување, вашата креативност и бујна фантазија можат да дојдат до израз за изработка на најубавите велигденски јајца.

За тоа ви се потребни свежи бели и кафени јајца, но и да ги сварите без да ви пукнат, како и квалитетни бои за вапсување или прехранбени бои. Нема некоја голема мајсторија во варењето. Оставете ги јајцата преку ноќ на собна температура и варете ги на тивок оган. Ако сакате потемни бои, тогаш јајцата варете ги во бојата. Ако пак сакате нежни и светли бои, тогаш ставете ги јајцата во растворената боја само една до две минути откога сте ги свариле. За светли бои ставете бели јајца, за темни – кафени јајца.

Вистинската креативност и мајсторија на тој што ги подарува јајцата се гледа во декорацијата. А за елементи и дребулии кои ви се потребни за декорација потребно е да прошетате по пазарите или да расчепкате низ дома по фиоките. Веројатно ќе најдете разнобојни текстилни, хартиени ленти со кој бил украсен подарокот што сте го добиле, декоративни се, во златни, сребрени и во други бои, самолеплива хартија, разни тантели во боја, бисерчиња од растурен ѓердан, стикери, фломастери во боја, тутунарски конец, по некоја салфета со традиционален дизајн, ситни копчиња, мониста во разни бои и големини, водени и пастелни бои од вашето дете. Ставете сè пред вас и пуштете да ве води фантазијата. Нашите примери се почетни идеи кои можете да ги надградите.

Бојадисување со обична боја за јајца

Тоа е најлесната техника. Ги вариме јајцата. Во неколку чинии раствораме различни бои и сипуваме во садот во кој се варат јајцата. Ги оставаме некое време и кога ќе ја добиеме саканата нијанса ги вадиме. Потоа ги премачкуваме со памучна крпа натопена во масло.

Бојадисување со кристална боја

Tајната е во винската киселина која се додава. Кристалите ставете ги уште при варење на јајцата. Се добиваат јајца кои изгледаат како зашеќерени. Добри се за подарок, но не и за кршење. Запомнете го тоа. Добри се само за украс. Децата не ги сaкаат зашто тешко се лупат.

Бојадисување со пастели

Оваа техника е спас за јајцата кои не успеале добро да се обојат. Со пастелни бои и умешна рака може да направите чуда.

Јајца декупаж

Се земаат сварени и изладени јајца. Се избираат неколку дизајнирани салфетки и со мали ножички се сечат цветовите точно по линиите. Се зема четкичка и убаво се натопува во белка од јајце. Исеченото парче од салфетката се става врз јајцето. Со четката лепете го парчето врз јајцето, прво од горе, па потоа низ целиот дел. Со прстите и со четкичката измазнувајте го парчето салфетка за да нема преклопувања. Откако ќе го обложите јајцето со салфетка, ставете го на чинија и оставете го да се исуши до следниот ден. Иако ќе ви изгледа влажно, ќе се исуши и нема да останат флеки. Следниот ден премачкајте ги јајцата со маслиново масло и тие ќе блескаат.

Мермерно јајце

Потребно е да исечкате ситно лушпи од кромид и лук. Секое јајце навлажнете го и поминете го низ исечканите лушпи. Тие ќе се залепат за јајцето и завиткајте го добро во фолијата. Ставете во водата и варете. Откако ќе се сварат, извадете ги, нека постојат уште малку и тогаш извадете ги од фолијата. Всушност, ефектот ќе биде прекрасен. Знаете дека се премачкуваат со салфета или памучна крпа која е мрсна од масло.

Романтични јајца

Сварете ги јајцата. Исечете тантела (ако имате некоја стара завеса) и секое јајце замотајте го во парче од тантелата и ставете во боја да постои, извадете го, не одврзувајте ја веднаш тантелата – нека се исуши и дури тогаш тргнете ја. Подеднакво е убаво ако имате ленти од тантела и со лепило да ја залепите врз обоеното јајце. Изгледа многу романтично.

Јајца со релјеф

Сварените јајца додека сè уште се топли замотајте ги во парче од стара релјефна памучна ткаенина и со лажиче капнувајте на повеќе места од различни бои – затегнете ја ткаенината – ова за да се отпечати и шарката од самата ткаенина – одличен ефект. Со едно парче ткаенина можете и повеќе јајца да вапсате.

Детски јајца

Децата најмногу ќе се израдуваат кога ќе забележат дека сте мислеле на нив, односно дека дел од јајцата се според дезен наменети за нив.

Еколошки јајца

Јајцата направени од целосно природни материјали, на масата ќе ѝ дадат екстравагантен изглед. Обидете се да ги направите како мали подароци. Исклучително се ефектни и истовремено софистицирани.

Златни јајца

Со малку трпение и малку тенка златна фолија и белка можете да добиете златни јајца. Сварете ги јајцата и добро исушете ги, а потоа потопете ја четката во белките, поминете преку јајцето и залепете ја фолијата. За добро да се залепи фолијата, треба да работите постепено.

Што да направите со првото јајце од минатата година?

Првото вапцано јајце во домаќинството се нарекува чуваркуќа, бидејќи како што самото име говори, ја чува куќата и домашните од болести и секакво зло.

Мајките ги тријат децата со тоа јајце по бразите и рамената за да бидат румени и здрави.

Првото црвено јајце се чува до икона, до следниот Велигден. Кога следната година ќе бојадисаме ново јајце, старото се пушта низ река, за водата да го однесе злото, болестите, целата несреќа кое првото јајце цела година ги собирало наместо домашните. Она што не треба да го направите е старото црвено јајце полно со негативна енергија да го чувате и понатаму во домот.

ИЗДВОЕНИ