Германскиот канцелар Фридрих Мерц му порача на американскиот претседател Доналд Трамп дека секој мировен договор во врска со Украина мора да биде постигнат со согласност на сите земји-членки на НАТО, изјави портпаролот на германската влада, Штефен Корнелиус.
Како што пренесуваат германските медиуми, Мерц и Трамп синоќа разговарале телефонски, а главна тема на разговорот било решавањето на конфликтот во Украина.
„Двете страни се согласија дека војната во Украина мора да заврши што е можно поскоро. Понатаму, секој мировен договор мора да биде постигнат со согласност на сите партнери од НАТО“, изјави Корнелиус.
Според него, Мерц за време на разговорот повторил дека партнерите од НАТО мора да бидат вклучени во сите мировни преговори што се однесуваат на Украина.
Претходно, Трамп изјави дека Москва и Вашингтон се блиску до постигнување договор кој би се однесувал не само на решавањето на украинскиот конфликт, туку и на безбедноста на Европа во целина.
Американскиот претседател потврди дека се сретнал со Кирил Дмитриев – специјалниот претставник на рускиот претседател за инвестиции и економска соработка со странски земји – за да разговараат за деталите од евентуалниот договор, иако одби да открие конкретни поединости.
Трамп изрази уверување дека идниот договор ќе биде сеопфатен и ќе наиде на позитивен одзив кај сите вклучени страни. Следната рунда преговори меѓу Русија, Украина и САД е закажана за 10 и 11 ноември во Абу Даби, при што се очекува безбедносните гаранции да бидат една од главните теми. Според извештаите, руската делегација ќе ја предводи Владимир Медински, советник на претседателот на Русија.












