Повеќе од 200 смртни случаи се пријавени кај регулаторот на Велика Британија поради сомнителна поврзаност со лекови од групата ГЛП-1, кои се користат за лекување на дијабетес и за слабеење. Но, Агенцијата за регулирање лекови и здравствени производи на Велика Британија (МХРА) нагласува дека самите извештаи не докажуваат дека лековите ја предизвикале смртта.
Податоците од системот „Јелоу кардс“, исто така, покажуваат повеќе од 158.000 пријавени сомневања за несакани ефекти и за други несакани реакции поврзани со овие лекови.
За тирзепатид, активната супстанција на лекот „мунџаро“, пријавени се 106.189 сомнителни несакани реакции и 120 смртни случаи. За семаглутид пријавени се 48.089 несакани реакции и 59 смртни случаи. Семаглутид се користи во лекот за слабеење „вегови“, како и во лековите за дијабетес „оземпик“ и „рибелсус“. За лираглутид, кој се продава за слабеење под името „саксенда“, има 4.491 пријави за можни несакани реакции и 37 смртни случаи. Вкупно, пријавени се 216 смртни случаи од овие три активни супстанции.
Повеќето од пријавените несакани ефекти се поврзани со проблеми со дигестивниот систем, но има и пријави за нарушувања на нервниот систем. Регулаторот наведува дека придобивките од лековите ГЛП-1 ги надминуваат можните ризици кога се користат во согласност со одобрените индикации.












