Веб-страницата на италијанското Министерство за надворешни работи – познато како „Фарнезина“ – денес беше цел на кибер-напад. Италијанските новински агенции известија дека зад нападот веројатно стои проруската хакерска група NoName057(16), пренесува „Еуроњуз“.
Првичните информации укажуваат на тоа дека станува збор за т.н. DDoS-напад (дистрибуиран напад за оневозможување на услугата). Оваа техника подразбира напаѓачите да го преплават серверот со лажни барања со цел да го преоптоварат и да предизвикаат негов пад. Од Министерството за надворешни работи соопштија дека безбедносните системи го неутрализирале нападот и дека немало прекин во работата.
Министерството најави дека внимателно ја следи ситуацијата во соработка со Националниот стратешки центар и други надлежни државни органи.
Министерот за надворешни работи Антонио Тајани изјави дека кибер-безбедноста е клучна компонента на реформата на министерството одобрена минатата година. „Во последните месеци ги зајакнавме нашите капацитети за спречување, следење и реагирање на закани. Презедовме сите неопходни контрамерки, вклучително и технолошки“, рече Тајани.
Тој исто така најави дека Италија, во соработка со Романија и други земји-членки на ЕУ, на претстојните европски состаноци ќе предложи механизми за официјално идентификување на одговорните за кибер-нападите, вклучително и нападите врз италијанските институции.
Ситуацијата континуирано се следи во соработка со Националниот стратешки центар и надлежните државни органи. Во тек се и анализи на веб-страниците на италијанските дипломатски и конзуларни претставништва во странство за да се утврди дали и тие биле цел на слични обиди, се додава во соопштението.
Одговорноста за нападот ја презеде проруската хакерска група „NoName057(16)“.
Според соопштението на италијанските власти, веб-страницата на Министерството била изложена на голем број лажни барања за пристап со цел да се предизвика пад на системот, но ИТ-инфраструктурата продолжила да функционира.
На инцидентот реагираа Италијанската полиција за пошти и комуникации, Националниот центар за сајбер-криминал за заштита на критичната инфраструктура и Националната агенција за сајбер-безбедност.
Нападот се случи истиот ден кога портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, ги опиша изјавите на италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани во врска со можното руско мешање во италијанските избори како „непромислени“ и како „израз на непочитување кон италијанскиот народ“, пренесува италијанската агенција.












