Под мотото „Вашата месна заедница – прва станица за секој проблем! Блиску до вас, блиску до решенијата!“, Општина Кисела Вода почнува нова кампања со цел доближување на услугите до граѓаните и зајакнување на улогата на месните заедници.
Од Општина Кисела Вода велат дека целта на новата иницијатива е дополнително да се поттикнат граѓаните масовно да го користат овој механизам, кој им овозможува да ја добијат административната поддршка буквално во своето место на живеење.
Во таа насока, телефонските броеви на претседателите и на секретарите на сите 15 месни заедници се јавно достапни на општинската веб-страница, како и преку информативни летоци.
– Со ова, се очекува значително да се зголеми граѓанското учество во креирањето на локалните политики и побрзо решавање на сите прашања што се од непосредно значење за жителите – нагласуваат од локалната самоуправа.
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска,истакна дека оваа општина отсекогаш била и останува со отворени врати за секој жител.
– Месните заедници се наш важен локален ресурс, а сега сакаме силно да ја поттикнеме и зајакнеме нивната улога. Нашата цел е секој граѓанин да знае дека неговата месна заедница е првата и најбрза станица до посакуваното решение. Кога почнуваат иницијативите од луѓето што најдобро го познаваат своето маало, успехот е гарантиран – потенцира Стаменкоска-Трајкоска.












