Музика во живо, ексклузивни приказни, неочекувани изненадувања и гости подготвени да покажат едно поинакво лице. Од 30 ноември, понеделничките вечери добиваат нова ТВ-димензија na ТВ-Телма. Популарниот Димитар Атанасовски, на телевизија „Телма“, ќе ни понуди шоу со искрени приказни кои никого нема да го остават рамнодушен
Телевизиската сцена во Македонија, од овој понеделник, ќе има нова енергија, а добро познатиот водител Димитар Атанасовски е сигурна гаранција за тоа. Тој помпезно им се враќа на малите екрани, овој пат со проект во кој музиката, емоциите и искрените разговори се во преден план. Насловот на шоуто е „Нека биде наше“. Ќе се емитува на телевизија „Телма“, од 30 ноември, со почеток од 20.20 часот. Понеделничките вечери ќе бидат исполнети со музика, емоции и искрени разговори.
– Ова не е само уште една музичка емисија. „Нека биде наше“ е, всушност, сцена на која познатите ќе пеат, ќе се смеат, но и ќе споделуваат делови од својот живот кои досега вешто ги криеле од публиката, како своја мала тајна. Музиката ќе ја слушаме во живо, со придружба на бенд, а разговорите ќе нè одведат подалеку од она што сме навикнале да слушаме за познатите.
Водителот гарантира дека нема да има однапред подготвени одговори туку многу спонтаност, искреност и изненадувања, порачуваат од продукцијата. Стартот со првата емисија е повеќе од возбудлив! Во премиерното издание, на 30 ноември, Димитар ќе муабети со Тамара Тодевска, Стефан Николовски и Лара Иванова. Тројца гости кои имаат што да раскажат, што да отпеат и да нè изненадат со разговорите.
Со враќањето на Димитар Атанасовски и формат што ја става во фокус автентичноста на гостите, „Нека биде наше“ носи поинакво телевизиско дружење – такво во кое музиката не е само за слушање, а разговорите не се само за прераскажување. Во сета таа ТВ-убавина, секој од нас ќе најде по нешто за себе.
(Д. М.)












