Македонскиот ракометен клуб Вардар постигна договор со српскиот репрезентативен голман Милан Бомаштар (26), кој од следната сезона ќе го засили црвено-црниот тим. Договорот е со важност од почетокот на сезоната 2026/27 и ќе трае две години. Бомаштар е голман со меѓународно искуство и настапи на високо ниво, а во Вардар доаѓа како дел од планот за дополнително зајакнување на голманската линија и зголемување на конкуренцијата во тимот за домашните и европските предизвици.

Во моментов е член на француски Шартр, а зада себе има интернационално искуство и во Шведска каде беше дел од Шевде, и од Шпанија каде бранеше за Адемар Леон.

Новиот чувар на мрежата веќе ја истакна својата мотивација и амбиција по договорот со Вардар, потенцирајќи дека соработката со тренерот на голмани Марио Келентриќ ќе биде важен дел од неговиот развој и дека со нетрпение ја очекува атмосферата во „Јане Сандански“.

„Вардар е еден од најдобрите клубови на Балканот и многу сум среќен што ќе бидам дел од таков клуб. Мислам дека ова е чекор повеќе во мојата кариера и дека многу ќе ми значи соработката со Марио Келентриќ, кој е еден од најдобрите тренери на голмани. Со нетрпение ја очекувам можноста да го бранам голот пред фантастичните навивачи на Вардар во салата „Јане Сандански“, изјави Бомаптар.

 

ИЗДВОЕНИ