четврток, јуни 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Вајц во центарот на бугарската кампања, Скопје ја избегнува метата на Софија!

Вајц во центарот на бугарската кампања, Скопје ја избегнува метата на Софија!

913

 

Македонските медиуми да го игнорираат обидот на бугарските политичари да ја вовлечат темата за македонските евроинтеграции во предизборната кампања во Бугарија, побара македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање. Мицкоски упати апел да не им даваме алиби да бидеме алатка во рацете на политичари во Бугарија кои му припаѓаат на минатиот век, а не гледаат кон иднината. Изјавата следува по бројните амандмани од бугарските европратеници на предлог-извештајот на Вајц и острите реакции од Софија за амандманите на известувачот. Во тој контекст, бугарската новинска агенција БГНЕС објави обемна реакција во која остро ги критикува предложените измени во извештајот на Вајц. БГНЕС оценува дека барањето Европскиот совет да каже каков е правниот статус на вториот протокол потпишан меѓу Бугарија и Македонија е обид земјава да почне преговори со ЕУ без да го исполни условот од Преговарачката рамка – Бугарите да влезат во Уставот

 

Острите реакции од Софија по повод амандманите на извештајот на известувачот во ЕП за Македонија, Томас Вајц, повторно го ставаат фокусот врз пристапот на Бугарија кон евроинтеграцијата на земјава. Наместо конструктивен тон, дел од пораките што доаѓаат од официјална Софија и медиуми блиски до бугарските власти, оставаат впечаток на засилување на притисокот и задржување на процесот во рамки на билатерални спорови.

Во нивните реакции доминира наративот дека секое отстапување од досегашната рамка претставува закана за националниот интерес, при што повторно во преден план се ставаат условите што Скопје треба да ги исполни, наместо поширокиот европски контекст. Ваквиот пристап ризикува да ја продлабочи недовербата и да го оддалечи процесот од неговата суштинска цел – членство врз основа на реформи.

Во тој контекст, бугарската новинска агенција БГНЕС објави обемна реакција во која остро ги критикува предложените измени во извештајот на Вајц, оценувајќи дека тие отвораат простор за заобиколување на веќе договорените обврски од преговарачката рамка и можност Македонија да ги започне преговорите без да ги исполни клучните услови. Во реакцијата, БГНЕС оценува дека барањето Европскиот совет да каже каков е правниот статус на вториот протокол потпишан меѓу Бугарија и Македонија е обид земјава да почне преговори со ЕУ без да го исполни условот од Преговарачката рамка – Бугарите да влезат во Уставот.

– Известувачот на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц, самиот поднесе предлог-амандман во својот последен извештај со кој се доведува во прашање вториот протокол кон Договорот меѓу Бугарија и Северна Македонија, кој самата ЕУ го има посочено како дел од Преговарачката рамка. Предложените амандмани се јавно достапни на веб-страницата на Европскиот парламент. Со амандман 108, Вајц предлага во текстот на идната резолуција да се внесе дека Европскиот парламент „ја повикува правната служба на Советот итно да ги разјасни сите нејаснотии околу правниот статус на вториот билатерален протокол кон Договорот за добрососедство и пријателство меѓу двете земји во контекст на пристапниот процес“, стои во реакцијата на БГНЕС.

Македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, упати апел до медиуми да го игнорираат обидот на бугарските политичари да ја вовлечат темата за македонските евроинтеграции во предизборната кампања во Бугарија и да не им даваат алиби да бидеме алатка во рацете на политичари во Бугарија кои што припаѓаат на минатиот век, а не гледаат кон иднината.

– Со господинот Вајц случајно бевме во истиот авион што сообраќаше на релација Брисел-Виена. Инаку, ние имавме состанок овде, разговаравме и сето тоа што се случува овде, го антиципирав на тој состанок и му предочив на господинот Вајц дека ќе се случува. Но што е целта сега на сето ова? Затоа замолувам на внимателност од страна на медиумите. Целта е да бидеме вовлечени во предизборната кампања во Бугарија на оваа тема. Затоа, ве молам, да не дозволиме да им дадеме алиби на политичарите на нашиот источен сосед, кои му припаѓаат на минатиот век, да водат кампања на ова прашање. Едноставно, ве замолувам да го игнорираме сето тоа, а ние како Влада, разговараме со нашите пријатели во Брисел, се разбира, аргументираме, се бориме, така што во овој момент, ќе повторам, не би сакал да бидеме алатка во рацете на политичари во Бугарија кои му припаѓаат на минатиот век, а не гледаат кон иднината, изјави премиерот Мицкоски.

Бугарската агенција појаснува во својот текст дека иако амандманот на Вајц на прв поглед звучи безопасно, тој претставува проблем затоа што во протоколот е јасно наведено дека следната меѓувладина конференција – со која се завршува фазата на отворање на преговорите – ќе се одржи дури откако Македонија ќе ги внесе Бугарите во својот устав, а целта на овој текст е, пишува БГНЕС, да се овозможи почеток на пристапните преговори без Скопје да ги исполни своите обврски и пред Бугарите да бидат внесени во уставот.

Во текстот се констатира и дека барањето на Томас Вајц целосно кореспондира со политиката на премиерот Христијан Мицкоски, како и на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Потсетуваат и дека лани, поранешната пратеничка Лилјана Поповска, иницира постапка за оспорување на вториот протокол.

– Нејзината жалба беше брзо прифатена од Уставниот суд на Северна Македонија, но Судот не се произнесе ни по шест месеци. Се поставува прашањето дали известувачот на ЕП не сака правната служба на Советот да донесе одлука наместо Уставниот суд во Скопје, со што евентуално позитивната оценка за Северна Македонија би била претставена како „европска“, а не како заобиколување на условите, анализира БГНЕС.

Бугарскиот медиум потсетува и на ставовите на земјава во врска со подготовката на минатогодишниот извештај на Вајц, од кои, тврди, произлегува дека премиерот имал однапред доверливи информации за текстовите.

Стравовите на официјална Софија, пренесени преку текстот на државната новинска агенција, се поради предлогот на известувачот Вајц во овогодишниот извештај, кој со амандман 124 бара воведување делумно гласање со квалификувано мнозинство во процесот на проширување, вклучително и укинување на едногласноста при отворање и затворање на преговарачките поглавја. Уште позагрижувачки за Бугарија е амандманот 214, во кој се нагласува „обврската на сите држави членки на Советот на Европа, вклучително и членките на ЕУ, како и кандидатите, да ги спроведуваат одлуките на Европскиот суд за човекови права“, што индиректно се однесува на Бугарија и на случаите на ОМО „Илинден“.

– Неприфатливо е известувач на Европскиот парламент да наметнува обврски на држава членка во извештај за кандидатска земја. Овие текстови се вклопуваат во реториката на Скопје, додека Северна Македонија самата не ги почитува препораките на Венецијанската комисија и ЕКРН. Обидот за заобиколување на едногласноста е крајно неприфатлив, особено кога станува збор за држава кандидат која со години одбива да ја почитува сопствената Преговарачка рамка, коментира БГНЕС.

Бугарскиот медиум оди дотаму што ги предупредува бугарските европратеници дека нивно отстапување по извештајот на Томас Вајц за Македонија ќе значи предавство на националниот интерес и на принципите на ЕУ и ги советува да не стануваат „соучесници во напорите на Скопје за неизвршување на преземените меѓународни обврски“.

–Минатата година, ниту еден бугарски претставник не презеде одговорност за формулацијата „македонски идентитет и јазик“ во извештајот – тема за која Европскиот парламент нема надлежност. Овој пат, секое отстапување или компромис ќе отвори врата за непредвидливи последици. Бугарија ги исполни своите обврски од Европскиот компромис. Бугарските европратеници не треба да стануваат соучесници во обидите на Скопје да ги избегне своите обврски и да ја префрли одговорноста врз Софија. Предизборната кампања во Бугарија не ги ослободува европратениците од политичка одговорност – таквата секогаш се бара од идните генерации, завршува медиумот во својата реакција. (В. С. Н.)

ИЗДВОЕНИ