Во мај или во јуни годинава, ќе се направи владината реконструкција и ќе се знае дали и кој министер ќе замине од одредено министерство или ќе премине во друго, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски. За време на престојот во Тетово, тој вака одговори на новинарското прашање врзано за тоа каква ќе биде иднината на актуелниот министер за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, и на вицепремиерот за доброто владеење, Арбен Фетаи. До ова доаѓа откако Лимани неодамна се појави заедно со лидерот на опозициската ДУИ, Али Ахмети, на заедничката ифтарска вечера организирана од албанскиот премиер Еди Рама, во Тирана.
Мицкоски одговори дека во тој период сите прашања и дилеми ќе бидат ставени на маса.
– Ние имаме принципиелен договор како коалициски партнери во Владата, сите три политички структури, тоа се коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата „Вреди“ и политичката партија ЗНАМ. Најавивме дека во мај или во јуни ќе имаме реконструкција во самата Влада и се разбира дека многу од прашањата за време и пред реконструкцијата ќе бидат ставени на маса и ќе разговараме за тоа – објасни Мицкоски.
Статусот на министерот Фатмир Лимани во Владата станува сè понеизвесен откако во редовите на „Вреди“ и неговата партија Беса зачестија барањата за неговата смена бидејќи имало повеќе забелешки за негова работа и однесување. Лидерот на Беса, Билал Касами, побара и објаснување од Лимани за заедничкото дружење со Али Ахмети. На ова, Лимани одговори дека бил поканет гостин на ифтарската вечера, но и дека во рамките на „Вреди“ се развива борба со „лакти“ за да се заменат, со анонимни фигури, главните протагонисти кои го реализираа проектот на обединување.
– Во такви околности, никој не може да очекува јас да стојам со скрстени раце – нагласи министерот и со што ги подгреа шпекулациите дека ќе формира своја политичка партија.
Неизвесна станува и иднината на вицепремиерот Арбен Фетаи во Владата кој, исто така, има забелешки за тоа како оди обединувањето на коалицијата „Вреди“ во една партија. И за негово име се врзува можноста за формирање на посебна партија преку која би останал во владината коалиција.
Но, премиерот Мицкоски изјави дека како владина коалиција имаат многу добра соработка и не гледа причина за коалирање со нови политички субјекти.
– Како коалиција имаме исклучително коректна соработка и во моментот не гледам простор за коалициски договори и преговори со други политички субјекти, затоа што, ќе повторам, образот го чувате цел живот, а го губите само еднаш – рече Мицкоски. (Б. Ѓ.)












