Холандската полиција уапси маж во Бекдален, во покраината Лимбург, под сомнение за занемарување на речиси 100 егзотични животни, кои биле чувани во прегреани, валкани терариуми без соодветна вода за пиење, објавија денес холандските медиуми.
Според полицијата, меѓу животните имало грабливи птици, штркови, елени, меркати, верверички, бенгалски мачки, сервали, ласици, мангусти, желки и необични егзотични видови, објави NL Times.
Терариумите биле претежно несоодветни за животните што живееле во нив, а некои биле многу загадени.
Осомничениот беше уапсен под сомнение за нелегално поседување одредени животински видови и занемарување на нивната благосостојба, а полицијата не го објави идентитетот на осомничениот.
Во вторник, припадници на полицијата запленија дел од животните кои беа префрлени во привремени засолништа и специјализирани институции каде што се лекуваат.
Холандската агенција за безбедност на храна и производи за широка потрошувачка ги конфискуваше преостанатите животни во среда, пренесува „Танјуг“.












