понеделник, ноември 2, 2026
Дома СВЕТ Хаос во Париз: Се истражува обид за убиство на полицајци, откако врз...

Хаос во Париз: Се истражува обид за убиство на полицајци, откако врз нив биле фрлени запаливи направи за време на протестите

57

Париското обвинителство покрена истрага за обид за убиство, откако во саботата, за време на протестите, кон група од околу 15 жандарми и полицајци беа фрлени запаливи направи. Насилство избувна во шест француски градови, а немири беа пријавени и во Германија.

Според британскиот весник „Гардијан“, насилството избувнало во саботата вечерта во Париз, Марсеј, Гренобл, Бордо, Лион и Тулуз, откако на протестите излегле приближно 320.000 демонстранти.

Париското обвинителство соопшти дека е отворена официјална истрага за обид за убиство на службени лица. Според извештаите, дел од повредените полицајци се здобиле со изгореници од втор степен. Инцидентот бил снимен со мобилен телефон, а снимката потоа се проширила на социјалните мрежи и била емитувана на француската телевизија.

Сепак, нивото на насилство и грабежи било значително помало отколку на 17 октомври – една од најтешките ноќи на улични немири во поновата француска историја – кога беа уапсени 2.600 луѓе, а ограбени беа до 3.000 продавници.

Протестите, предводени главно од млади луѓе, оваа есен се проширија во неколку европски земји. Демонстрантите изразуваат незадоволство од образовниот систем, влошувањето на јавните услуги, слабите идни перспективи, недостапните цени на домувањето и зголемените трошоци за живот. Во Германија, повеќе од 100.000 луѓе протестираа во саботата во над 30 градови, како дел од кампањата „Gen Z regelt“.

Најтешките немири се случија во Франкфурт, каде што – според Роман Посек, министерот за внатрешни работи на покраината Хесен – беа оштетени 17 продавници, од кои пет беа ограбени, а повеќе од 100 од вкупно 1.300 ангажирани полицајци се здобија со повреди.

Уапсени се 54 лица, на возраст меѓу 13 и 29 години. Сојузниот министер за внатрешни работи, Александар Добринт, најави дека сторителите ќе бидат идентификувани и строго казнети.

ИЗДВОЕНИ