Уставниот суд, во пресрет на протестот на културните работници што се одржа денеска пред оваа институција, во организација на Синдикатот на културата (СКРМ), излезе со свој став и соопштение во однос на поведената постапка за преиспитување на уставноста и законитоста на Колективниот договор за култура.
– Во конкретниот предмет е поведена постапка врз основа на изразен сомнеж за уставноста и законитоста на Колективниот договор за култура и на член 76-љ од Законот за култура. Станува збор за втора фаза во која ќе се оценуваат уставноста и законитоста, конечна одлука за оспорените акти сè уште не е донесена – информираат од Уставниот суд.
Оттаму додаваат дека со особено внимание се следат реакциите во јавноста и загриженоста што ја изразуваат претставниците на културната заедница.
– Уставниот суд го почитува и го штити правото на јавно изразување и протест како темелна демократска вредност. Поради ова, Судот апелира до јавноста внимателно и објективно да ги следи информациите поврзани со овој предмет, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓа постапката. Точното информирање е особено важно за да не се создава впечаток дека Судот веќе донел одлука или дека предметот се однесува на вреднување на работата, значењето или примањата на уметниците и на културните работници – посочуваат оттаму.
Од Уставниот суд појаснуваат и дека постапуваат исклучиво во рамките на своите уставно утврдени надлежности и одлучуваат за уставно-правни прашања, односно ја оценуваат усогласеноста на прописите со Уставот.
– Во таа смисла, предмет на разгледување не се работата, значењето или придонесот на уметниците и на културните работници, ниту, пак, нивниот статус или примања. Важно е да се направи јасна разлика: уставно-судската контрола се однесува на актот, а не на културните работници. Почитта кон нивната улога во општеството е неспорна.
Фото: П. Стојановски












