Министерството за здравство информираше дека од денеска уште петмина пациенти повредени во трагедијата во дискотеката во Кочани се вратени од лекување во Клиничкиот центар во Србија. Тројца, согласно со протоколот, ќе бидат под опсервација на Клиниката за пулмологија и по еден пациент на Клиниката за пластична хирургија и во Хируршката клиника „Свети Наум Охридски“.
Од Министерството додаваат дека е вратен уште еден пациент што се лекувал во Хрватска и дека се наоѓа под опсервација на Клиниката за пластична хирургија. Во моментов, на лекување во странство има 38-мина пациенти, додека во Македонија, во моментов, се лекуваат седуммина пациенти, од кои четворица се хоспитализирани во Хируршката клиника „Свети Наум Охридски“, има еден пациент на Клиниката за пластична хирургија и двајца во приватна болница „Систина“.
– Континуирано ќе ја следиме состојбата на повредените пациенти и на сите ќе им се обезбеди најдобар третман за понатамошна рехабилитација – велат од Министерството.