Даночните обврзници што имаат обврска согласно со Законот за минимален глобален данок на добивка, треба до 30 јуни да ги поднесат првите даночни пријави до Управата за јавни приходи (УЈП). Станува збор за законска рамка со која се воведува минимално ефективно оданочување од 15 % за мултинационалните групи на компании и за големите домашни групи чиј консолидиран годишен приход надминува 750 милиони евра во најмалку две фискални години во периодот 2020–2023 година.
Законот предвидува примена на три клучни правила за дополнително оданочување (top-up tax): квалификуван домашен дополнителен данок (QDMTT), правило за вклучување на добивката (IIR) и правило за помалку оданочена добивка (UTPR), со кои се обезбедува минимална даночна стапка од 15 %.
Според УЈП, обврзниците најдоцна до 30 јуни 2026 година треба електронски да достават известување за назначување субјект за поднесување на пријавата на информации за дополнителен данок (GIR), како и за пријавата за квалификуван домашен дополнителен данок (КДДД/П) за 2024 година. Известувањето се поднесува електронски, а образецот е достапен на веб-страницата на УЈП.
Исто така, до истиот рок треба да се поднесе и пријавата на информации за глобален данок (GIR) преку системот „е-даночни услуги“, како и пријавата КДДД/П. Доколку во пресметката не постои обврска за плаќање, пријавите, сепак, задолжително се поднесуваат.
Покрај тоа, до 30 јули 2026 година се поднесува пријавата за дополнителен данок (ДДД/П), додека рокот за плаќање на обврските е 30 јули за квалификуваниот домашен дополнителен данок и 30 август 2026 година за дополнителниот данок на добивка.
УЈП информира дека плаќањето се врши на новата уплатна сметка 840 – општина – 01877, со приходни шифри 711236 и 711237, зависно од видот на даночната обврска.












