За 7 мај, во студиото „Приватен принт“ во Скопје, е закажано отворањето на просторната инсталација „Уште еден чекор, и оживуваме“ на Клелија Живковиќ.
Програмата вклучува разговор на Душица Лазова со уметницата, со почеток во 18:00 часот и отворање на изложбата во 19:00 часот.
„Уште еден чекор, и оживуваме“, просторната инсталација на Клелија Живковиќ, го истражува оживувањето како радикална форма на отпор, отелотворен одговор на системите што функционираат на основа на угнетување, наследен срам и емоционално потиснување. Инсталацијата го истакнува најзначајниот творечки метод на уметницата, а тоа е пишувањето. Извадоците од дневници, белешките од истражувачки процеси и фрагментите од проектни апликации од изминатите пет години во просторот на студиото визуелно се трансформираат во читачка соба. Делото го прославува писмото како метод на себеспознание, а пишувањето како чин на заедништво и отворање кон другоста.
Клелија Живковиќ (р. 1989) е трансдисциплинарна уметница од Скопје.
Изложбата ќе може да се види до 28 мај.












