Со мастеркласот на Енди Кенеди од Англија, еден од водечките светски професионалци во областа на дизајнот и монтажата на звук, добитник и номиниран за престижните награди „Еми“ и БАФТА, започнува серијата предавања на врвни меѓународни професионалци, со цел унапредување на знаењето и на вештините во помалку застапените, но клучни сегменти на филмската индустрија, а по повод одбележувањето 20 години постоење на Агенцијата за филм

По повод одбележувањето 20 години постоење на Агенцијата за филм, започнува серија на мастеркласови со врвни меѓународни професионалци, со цел унапредување на знаењето и на вештините во помалку застапените, но клучни сегменти на филмската индустрија.

Првиот мастерклас ќе се одржи во Скопје, на 7 мај со почеток во 11:00 часот, во киното „Синеплекс“. Гостин предавач ќе биде Енди Кенеди од Англија, еден од водечките светски професионалци во областа на дизајнот и монтажата на звук, добитник и номиниран за престижните награди „Еми“ и БАФТА. Кенеди е еден од поискусните професионалци во областа на филмскиот звук, со кариера што опфаќа повеќе од три децении „Еми“ и над 90 филмски и телевизиски проекти. Добитник е на две награди за монтажа на звук на мини сериите „Band of Brothers“ и „Generation Kill“. Претходната недела беше номиниран за „BAFTA Craft Award“ за најдобар звук на серијатa „Lockerbie: A Search for Truth“. Неговиот пристап се одликува со силен фокус на автентичноста и деталната звучна атмосфера, при што често користи реални теренски снимки за да постигне уверливо и емотивно аудиоискуство. Особено се истакнува во проектите каде што звукот има клучна улога во раскажувањето, како што се историските драми и комплексните телевизиски продукции. Неговиот професионален ангажман го вклучува во некои од најзначајните светски продукции, меѓу кои се издвојуваат сериите „Игра на Троновите“ – прва сезона, „Круната“, „Peaky Blinders“, филмовите „Боемска рапсодија“, „Бетмен: почеток“, „Играта на имитацијата“, „Фантастичниот г. Фокс“, како и остварувањата од франшизата „Хари Потер“.

-Препознатлив по својот пристап, кој се темели на автентичноста, прецизноста и на емоционалната длабочина на звукот, Кенеди ќе понуди уникатен увид во процесот на создавање звучен идентитет во современата филмска продукција. Овој мастерклас претставува ретка можност за директна средба со врвен светски експерт и е наменет за филмските професионалци, студентите и за сите што сакаат да го продлабочат своето знаење во областа на звучниот дизајн – посочуваат од Агенцијата за филм.

Како што додаваат оттаму, настанот ќе се одржи на англиски јазик. Влезот е слободен, но местата се ограничени и неопходна е пријава претходно. Дополнително, на 8 мај ќе се одржи и затворена практична работилница, наменета за режисерите и за професионалците од постпродукцијата, каде што учесниците ќе имаат можност за непосредна работа и за размена на искуства со предавачот.

ИЗДВОЕНИ