Народната банка на Србија предупредува на лажни пораки упатени до корисниците на Алта банка и ги советува граѓаните кои имаат кредити одобрени во оваа банка да почекаат известување од Агенцијата за осигурување на депозити за банката и бројот на сметката на која во иднина ќе ги уплаќаат своите обврски.
Поштенска штедилница еднократно ја презеде исплатата на октомвриските пензии за клиентите на Алта банка.
Откако пензионерите од категоријата самостојни дејности веќе ги добија пензиите, на 5 ноември парите ќе им бидат исплатени на воените и земјоделските пензионери, а на 10 ноември и на сите останати.
Тоа не значи дека пензионерите трајно ќе мора да ги примаат пензиите преку Поштенска штедилница.
Иван Бојчиќ од Поштенска штедилница изјави дека за пензионерите се отворени привремени сметки на кои ќе им биде уплатена октомвриската пензија.
„Тие имаат рок до 20 ноември да отворат сметка во Поштенска штедилница или во некоја друга банка, на која ќе ги примаат наредните пензии, и за тоа да достават потврда до Фондот за пензиско и инвалидско осигурување“, рече Бојчиќ.
Пред експозитурите на Поштенска штедилница во Белград, пензионерите се жалеа на гужвите во банките, но имаше и такви кои мирно си уживаа во пензионерските денови.
Нагло зголемена побарувачка за евра
Во меѓувреме, во некои менувачници во Белград е забележана зголемена побарувачка за евра, поради што на одредени места касите останале без европската валута. Така, граѓаните на некои локации не можеле веднаш да купат евра.
Сепак, при следните обиди дел од купувачите успеале да дојдат до потребната валута, а една од причините за купувањето била и претпазливоста.
Од менувачниците, пак, тврдат дека евра има доволно, дека нема ограничувања при купувањето и дека зголемената побарувачка била само краткотрајна.
Борислав Грујиќ, сопственик на менувачница, истакна дека ситуацијата не е вонредна.
„Побарувачката е многу поголема од понудата. Во последните денови јавно се зборуваше за ограничување од околу 250 евра. Има менувачници со мали каси и ограничен капацитет, кои не можат да ги задоволат големите потреби на граѓаните. Но, има и такви што можат да одговорат на побарувачката“, рече Грујиќ.
Искуството покажува дека кај граѓаните секогаш постои одредена претпазливост, но надлежните уверуваат дека нема причина за загриженост, бидејќи и банкарскиот сектор и девизниот пазар се стабилни.












