Европската интеграција останува стратешки приоритет на државата, а по завршувањето на скрининг процесот, фокусот е ставен на забрзана испорака на реформи, истакна првиот вицепремиер и министер за европски прашања, Беким Сали, во своето обраќање на настанот по повод одбележувањето на 30 години односи меѓу Македонија и Европската Унија. Тој додаде дека преку Реформската агенда и Планот за раст, државата веќе обезбедува мерливи резултати во клучните области како владеење на правото, јавната администрација и економското управување. Министерот истакна и дека кредибилен процес на проширување бара паралелна посветеност – силна реформска испорака од земјите кандидати и предвидливост од страна на Европската Унија.
-Триесет години партнерство и 25 години од Спогодбата за стабилизација и асоцијација покажуваат дека нашиот европски пат е јасен и неповратен. Денес, интеграцијата не е само цел – таа е процес на конкретна испорака на резултати. Нашата амбиција е јасна – полноправно членство во Европската Унија, порача Сали.
На конференцијата учествуваше и амбасадорот на ЕУ во земјава, Михалис Рокас.












