– Кога ќе се гледаат со повнимателно око скулптурите на Башески, станува јасно дека постигнувањето сличност со моделот е само воведен дел од една намера која под тој надворешен слој носи многу посложени интенции. Тие човечки тела чија епидерма предизвикува почит кон вештината на авторот во подражавањето на природата, секогаш сакаат да ни соопштат некои подлабоки вистини, посочи, меѓу другото, академикот Влада Урошевиќ на пристапната изложба на Жарко Башески која од завчеравечер е отворена во МАНУ
Со пристапната изложба во Македонската академија на науките и уметностите, еден од најавтентичните и најпрепознатливи македонски скулптори, Жарко Башески, го потврди своето место во највисокиот уметнички и академски круг во државата. Башески е уметник кој одамна ги надмина границите на традиционалното скулпторство. Тој е познат по своите импресивни, хиперреалистични скулптури кои ја истражуваат човечката психологија.

Пригоден говор за творештвото на Башески на завчерашниот уметнички настан во МАНУ, одржа академик Влада Урошевиќ, истакнат поет, писател и еден од најзначајните македонски книжевни и културни авторитети.
– Прва енциклопедиска одредница од областа на ликовната уметност која му се нуди на гледачот при средбата со овие скулптури е: хиперреализам. Но со тоа ни оддалеку не се исцрпуваат можните обележја на овие дела: тоа што Башески се служи со ликовните изразни средства поврзани со стремежот колку што е можно поверно да се претстави реалноста на нештата е само надворешна обвивка на содржините што се кријат под оваа максимално вешто изведена постапка ставена во служба на мимезисот. Кога ќе се гледаат со повнимателно око овие скулптури, станува јасно дека постигнувањето сличност со моделот е само воведен дел од една намера која под тој надворешен слој носи многу посложени интенции. Тие човечки тела чија епидерма предизвикува почит кон вештината на авторот во подражавањето на природата секогаш сакаат да ни соопштат некои подлабоки вистини, посочи, меѓу другото, академикот Урошевиќ. Тој посочи дека степенот на привидната блискост со надворешниот изглед

– Силикони, полиестери, епоксиди. Несомнено, тие ја немаат благородноста на каменот, на дрвото или на бронзата, но затоа, пак, имаат некои одлики што првобитните материјали не ги поседуваат – мекоста и еластичноста кои ја сугерираат очигледната сличност со човечката кожа. Но резултатот на употребата на овие нови материјали не води, кај овој уметник, кон целта што ја имале пред себе некогашните скулптори – славењето на хармоничноста и убавината на човековото тело. Напротив: тие му помагаат на авторот на овие скулптури да дојде до својата согледба на вистинската човекова природа. Место идеалната форма на човекот како најсовршен производ до кој стасала биолошката еволуција, пред нас, во скулптурите на Башески, се појавува едно суштество кое е полно со слабости, кое не успева да ги скрие своите мани, и кое е далеку од идеалните пропорции што некогашните уметници му ги припишувале на човечкото тело. Тоа тело, говорат скулптурите на Жарко Башески, е кревко, ранливо и незаштитено пред надворешните закани…, додава Урошевиќ. Или, како што академикот завршува во своето излагање „авторот на овие дела сака да ни сугерира низ нив дека загрозен од крајните резултати на технолошкиот и научниот прогрес, човекот ја губи битката со плодовите на својот дух и станува сè повеќе зависник од цивилизацијата што ја создал… Уметноста на Жарко Башески е уметност на предупредување“.
Самиот уметник, во едно од своите интервјуа за весникот ВЕЧЕР, посочи дека е поважно публиката да ја разбере пораката на делото отколку да се одушевува од изведбата. Неговите скулптури се толку реалистични што никого не оставаат рамнодушни со оглед дека „застрашувачки“ прецизно и реално ги претставуваат емоциите на лицето, ставот на телото, деталите…
– Само така и на тој начин можам да ги претставам моите размислувања за одредени состојби, како човечки така и општествено-социјални и сè што нè окупира и оптоварува – посочи Башески во разговорот за весникот ВЕЧЕР.
Претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, академик Живко Попов, завчеравечер во присуство на голем број љубители на уметноста, на Жарко Башески му ја врачи дипломата која сведочи за неговиот прием во редовите на дописните членови на МАНУ. (Д. Т.)
Фото: П.Стојановски












