Три часа музичка магија, време исполнето со раскошни звуци, виртуозни изведби, силни емоции, несекојдневна енергија и извонредна комуникација со публиката. Вака накратко може да се опишат двете концертни вечери на нашиот виртуоз на пијано, Симон Трпчески, во полната сала на Македонската филхармонија. Трпчески заедно со своите гости, врвни музичари, покажа дека камерната музика е многу повеќе од совршено усогласена изведба.

– Камерното музицирање во нашата професија значи, пред сè, заедништво, дружба, љубов, меѓусебно почитување, што треба да биде суштина во кој било формат, во која било институција во општеството – истакна Трпчески, упатувајќи порака што ја надминува музичката сцена.

Тој изрази особено задоволство што повторно има можност да настапи дома, со музичари на највисоко светско ниво, од кои повеќето се Македонци.

– Многу сум ќефлија вечерва што имам можност да се претставам дома, со фантастични луѓе, повеќето од нив Македонци, кои се на врвно светско ниво – додаде Трпчески, повикувајќи ја публиката со голем аплауз да им оддаде признание на неговите колеги.

А на сцената му се придружија неговите долгогодишни соработници од ансамблот „Македонисимо“: виолинистот Александар Краповски, виолончелистот Александар Сомов, кларинетистот Хидан Мамудов и перкусионистот Влатко Нушев. Како гости настапија и еминентната виолинистка и музички педагог Марина Чадо, поранешниот прв виолист на Лондонската филхармонија и универзитетски професор – Александар Гордон Земцов, како и истакнатиот македонски виолинист и концерт-мајстор на Оперскиот оркестар во Валенсија, со значајно меѓународно искуство – Ѓорѓи Димчевски.

Програмата беше внимателно осмислена како музичко патување низ различни епохи, стилови и темпераменти. Од лиричноста и поетичноста на Петар Илич Чајковски, преку романтичарскиот свет на Едвард Григ и Јоханес Брамс, па сè до ритмичката експлозивност на мексиканскиот композитор Артуро Маркес и виртуозните музички игри на Александар Розенблат, концертот понуди извонредна стилска разновидност. Трпчески, пак, уште еднаш покажа зошто е еден од најценетите македонски музички амбасадори во светот. Со својата препознатлива пијанистичка виртуозност, извонредната музикалност и сценската харизма, но и со искрената непосредност и топлината во комуникацијата со публиката, тој создаде вечер во која секое дело имаше своја приказна.

Вечерта почна со „Октомври“, есенска песна од Чајковски, која Трпчески му ја посвети на својот дедо, Јованчо и на својата професорка по пијано, Људмила Романова. Следуваа сонатите од Григ, во изведба на Александар Краповски и Ѓорѓи Димчевски, а потоа на сцената се приклучија Ѓорѓи Димчевски на виола, Александар Гордон Земцов на виола и Александар Сомов на виолончело. Особено впечатлива беше интерпретацијата на делото на Брамс, музика исполнета со длабоки чувства, поврзана со емотивните случувања околу семејството Шуман.

Вториот дел донесе поинаква звучна атмосфера. Со „Danzón No. 2“ на мексиканскиот композитор Артуро Маркес, публиката беше одведена во сензуалниот и ритмички богат свет на Латинска Америка. На сцената се приклучи и Марина Чадо, за која Трпчески зборуваше со особена почит и лична благодарност, истакнувајќи го нејзиниот придонес во музичкото образование и во развојот на македонската виолинистичка школа.

Следуваше фантазијата на Александар Розенблат инспирирана од познатите теми од операта „Кармен“ на Жорж Бизе – дело што ги спои класичната виртуозност и џез-изразот во возбудлива музичка целина.

Особено значење имаше и завршната композиција, „Дивертименто“, од современиот француски композитор Гијом Конесон. Благодарение на посебната дозвола на композиторот и адаптацијата што ја направил Влатко Нушев, композицијата била приспособена за ансамблот, а скопската публика имаше можност да ја слушне во живо.

Интересен беше и моментот кога ја претстави фантазијата на Розенблат, откривајќи дека го научил делото само десетина дена пред концертот. Со тоа ја покажа и подготвеноста на врвните музичари постојано да истражуваат нови музички предизвици и да излегуваат од сопствените комфорни зони.

Стоечките овации беа природна реакција на една вечер за паметење – вистински камерен музички десерт, со вкус на врвна уметност, емоција и македонска музичка гордост.

(Д. Т.)

ИЗДВОЕНИ