Здравствената состојба на Французинка која патувала на крузерот „Хондиус“ и била позитивна на хантавирус се влошила преку ноќ, изјави денес француската министерка за здравство Стефани Рис.
Таа потврди дека 22 француски државјани биле идентификувани како блиски контакти на болната жена, објави „Ле Фигаро“. Рис изјави дека осум француски државјани на лет од Света Елена до Јоханесбург биле ставени во изолација пред речиси една недела, а уште 14 француски државјани биле на друг лет од Јоханесбург до Амстердам и добиле инструкции да се самоизолираат дома и да контактираат со француските здравствени власти.
Арно Фонтан, директор на Одделението за епидемиологија на нови болести во Институтот Пастер во Париз, рече дека стапката на смртност кај заразените со хантавирус е од 30 до 50 проценти.
„Патничката на бродот „Хондиус“, која била позитивна на хантавирус, доживеала брзо влошување на нејзиното здравје преку ноќ“, потврди Фонтан.
Тој рече дека заразените пациенти можат да развијат проблеми со белите дробови, а во случајот на француската пациентка, прогресијата на болеста е брза.
„И во Аргентина се пријавени од 50 до 100 случаи. Глодарите се носители на хантавирус, главно во руралните области. Ова објаснува зошто немало поголеми епидемии во историјата“, рече Фонтане.
Американските власти доцна во неделата соопштија дека еден Американец меѓу 17-те лица кои биле транспортирани во Небраска бил позитивен на хантавирус, но не покажувал симптоми.












