четврток, јуни 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Уште четири институции ќе користат гас 

Уште четири институции ќе користат гас 

56

Јавното претпријатие „Куманово Гас“, годинава, планира да реализира неколку проекти за приклучување на јавни институции и проширување на дистрибутивната гасоводна мрежа во градот.

Директорот на претпријатието, Марко Митровски, информираше дека се предвидува приклучување на четири нови објекти на гасоводната мрежа. Станува збор за основните училишта „Вук Караџиќ“ и „Наим Фрашери“, градинката „Славејче“ кај поранешен „1 Мај“, како и Здравствениот дом Куманово.

Тој додаде дека паралелно се работи и на проектната документација, а дел од активностите се веќе започнати. Во рамки на планираните активности, се работи и на приклучување на спортската сала, каде што веќе започнала изведбата на работите во внатрешниот дел.

– Почната е изведбата во внатрешниот дел на спортската сала и очекуваме во текот на 2026 година таа да стане наш потрошувач – посочи Митровски.

ЈП „Куманово Гас“ преку вториот Владин повик има обезбедено средства и за проширување на дистрибутивната гасоводна мрежа во должина од околу 6,5 километри. Општина Куманово веќе распишала јавен повик за избор на изведувач, но тендерската постапка не била успешна.

– Имаме одобрени средства за околу 6,5 километри дистрибутивна гасоводна мрежа. Општина Куманово распиша повик, но тендерската постапка не успеа. Сега се очекува да се распише втора постапка и да се избере изведувач – рече Митровски.

Со новата фаза на проширување е предвидено поставување дистрибутивна мрежа на повеќе улици во градот, најмногу во населбата „Зелен Рид“  и дел во населбата „Карпош“.

Од претпријатието очекуваат дека со реализацијата на овие активности ќе се подобрат условите за приклучување нови корисници и  употребата на природниот гас во градот постепено ќе се проширува.

 

ИЗДВОЕНИ