Селекцијата на Уругвај со 1:1 против Саудиска Арабија го почна Светското првенство, но резултатот остана во сенка на случувањата што му претходеа на натпреварот во Мајами.
На социјалните мрежи се појави видео на кое се гледа како американските безбедносни служби ги задржуваат уругвајските фудбалери покрај тимскиот автобус и вршат детална проверка на нивниот багаж. Според сведоците, во контролата биле користени и кучиња за откривање дрога, како и детектори за метал.
EEUU sigue humillando a las selecciones de fútbol que juegan en el Mundial. Ahora le tocó a Uruguay. Los jugadores fueron tratados como narcos, con inspección de perros antidrogas y uniformados con detectores de metales.
La FIFA perpetró una vergüenza histórica este año.— César Biondini (@BiondiniCesar) June 15, 2026
Инцидентот предизвика големо незадоволство во таборот на двократниот светски шампион, особено затоа што не станува збор за прва непријатност со која се соочува тој во текот на турнирот.
Репрезентацијата требаше да пристигне во Флорида од Канкун значително порано, но административни проблеми го одложиле патувањето. Поради тоа, тимот пристигнал помалку од 24 часа пред првиот натпревар на Мундијалот.
Селекторот Марсело Бјелса не го криеше својот гнев поради третманот кон неговата репрезентација. Искусниот стратег ги критикуваше организаторите и смета дека играчите и тренерите се изложени на непотребни маркетиншки обврски во текот на турнирот.
- Не морам ништо никому да му објаснувам. Не сум модел. Немаме обврска да се однесуваме како манекени за да исполниме нечии очекувања – изјави Биелса.
Аргентинецот дополнително го привлече вниманието кога одби да учествува во една од промотивните активности пред натпреварот. Во текот на официјалното снимање, тој намерно гледаше во подот, испраќајќи порака дека не се согласува со сè поголемите медиумски и маркетиншки барања на ФИФА.
И покрај сите проблеми надвор од теренот, Уругвај успеа да избегне пораз на стартот од првенството. Сепак, останува впечатокот дека атмосферата околу репрезентацијата е далеку од мирна, а случувањата пред натпреварот отворија бројни прашања за третманот на националните тимови во текот на најголемиот фудбалски турнир во светот.











